Македонија
22. March 2023 - 16:34

Истрагата без одговори за тунелот во Идризово, разрешениот директор тврди дека тој го открил случајот

Првите сомнежи за бегство преку подземен тунел, управата на Идризово ги имала од средината на минатиот месец.. Доскорешниот директор Шпенд Тахири, во изјава за Сител вели руинираниот и напуштен објект, затворениците го користеа за време на прошетките и таму пиеа кафе.. Просторот немал видео надзор, па за да не се посомневаат дека е разоткриен нивниот план за бегство, затворското обезбедување го замениле хаус мајстори.. Ја фотографирале внатрешноста, а на затворениците им било кажано дека бараат простор да постават преса за пластични шишиња.. Но групата која копала била чекор понапред, па влезот на тунелот го покриле со бетонска плоча..

„Откако јас пратив таму екипа, да не се забележи дека ние веќе знаеме нешто, испратив хаус-мајстори да видат да наместиме некоја апаратура внатре, таа беше бетонирана. Што значи, тие можеби би знаеле порано од нас и го бетонирале за наводно да нема ништо“, изјави Шпенд Тахири.

За надлежните повеќе немало дилема дека се подготвува филмско бегство.. Затворот веднаш побарал фирма да го урне објектот и да го открие тунелот во кој неколкумина ја гледале својата слобода.. Додека се чекала градежната механизација, надвор од затворот специјални полициски единици ги очекувале првите патници низ подземниот премин..

„Го имавме видено простор каде и што може да се случи и веднаш во координација со Управата за извршување санкции, МВР, инспекторите од организиран криминал бевме во контакт и од наша страна позади ѕидот поставивме повеќе патроли со пушки, панцири додека не се пронајде, истражи дали е ископан тунел или не“, објаснува Тахири.

Тахири вели дека неговото разрешување нема поврзаност со подземниот премин.. Се гордее што лично го открил планот за бегство, и како што вели, неговата смена е заради излез од владината коалиција на Алтернатива и новата распределба на директорски места..

„Иако знаев дека вчера ќе бидам разрешен, Јас работев и ја водев постапката до крај. Разрешувањето е само политички зашто Алтернатива не е дел од владата. За настанот, државата и системот, Јас посебно, треба да се гордееме зашто го спречивме најлошото“, вели Тахири. 

Кој копал и кој требало да побегне сега истражуваат полицијата и обвинителството.. Уште вчера бил направен увид и како што велат од скопското обвинителство, се преземаат дејствија и се прават проверки за испитување на околностите..

Неуспешен обид за бегство со подземен тунел од Идризово имало и во средината на минатиот век кога затвореници се обиделе да прекопаат ѕид.. Во почетокот на 90тите пак група затвореници од драмската секција копајќи тунел под театарската сцена во затворот излегле како слободни граѓани..