Македонија
8. December 2022 - 16:28

Историчари бараат да запре работата на мешовитата историска комисија со Бугарија

Мешовитата историска комисија треба прекине со работа бидејќи Македонија и Бугарија немаат заедничка историја, сметаат дел од македонските историчари. 

Според професорот Тодор Чепреганов секоја држава треба сама да одлучи кои историски личности ќе ги чествува. Во спротивно ќе се зголемува бројот на проблематичните теми како во последниот случај со Охридската Архиепископија, прашање за кое вели дека комисијата не е компетентна да расправа.

Сличен е ставот и на професорката Виолета Ачкоска која вели дека не постои заедничка, туку има две различни истории на два различни народи кои живеат во посебни држави. За неа заеднички може да се чествуваат единствено празниците кои се дел од светската историја како што се Денот на Обединетите Нации и Победата над фашизмот.

За претседателот на Здружението на историчари на Македонија, професорот Митко Панов проблематично е тоа што комисијата дебатира за теми од средновековието и покрај тоа што во нејзините редови нема експерти за тој период. 

Историчарите сметаат дека членовите на комисијата треба да го слушаат гласот на науката, а не да реагираат на одредени политички контексти кои ги врамуваат во некоја политичка слика која не е рефлексија на нешто што треба да биде наука.