Македонија
19. September 2021 - 8:21

Истече рокот за потврдување на листите на кандидати за градоначалници и советници

Синоќа истече рокот до кој општинските изборни комисии (ОИК) официјално требаше да ги потврдат сите листи на кандидати за градоначалници и членови на општинските совети и Советот на Град Скопје поднесени од политичките партии, коалициите и групи граѓани за учество на локалните избори закажани за 17 октомври.

Вака потврдените листи, ОИК ги доставува до Државната изборна комисија (ДИК), која најдоцна до 23 септември треба да изврши жребување за нивниот редослед на гласачките ливчиња. Кандидатите за градоначалници и листите за советници на една партија или коалиција добиваат ист реден број во сите општини. По извршениот жреб потврдените кандидатски листите ќе бидат објавени на веб страната на ДИК и огласени од страна на избирачките одбори.

Исто така, најдоцна од 23 септември, е предвидено овластените претставници на сите политички партии, односно подносителите на листи на кандидати за локалните избори, на централно ниво, да потпишат Кодекс за фер и демократски избори, во организација на Државната изборна комисија, а во соработка со Националниот демократски институт.

Со Кодексот за фер и демократски избори, што го усвои ДИК, учесниците во изборниот процес ќе се обврзат да ги почитуваат принципите на демократија и доброто владеење, со цел да се зацврстат фундаменталните вредности на демократијата и довербата во изборниот систем. Со Кодексот за фер и демократски избори учесниците во изборниот процес, исто така, ќе се обврзуваат да ги почитуваат законите кои се релевантни за изборите и да не вршат притисок врз гласачите, да не се користи говор на омраза и да не се врши дискриминација врз основа на пол.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) претходно ги информираше радиодифузерите дека со новодонесените измени и дополнувања на Изборниот законик, се определува нов начин на утврдување на ценовниците за емитување платено политичко рекламирање (ППР), што ќе се применува и за претстојните локалните избори, поради што е пропишан дополнителен рок за достава на ценовници.

– Според измените во членот 75-ѓ од Изборниот законик, радиодифузерите треба сами да ја утврдат својата просечна цена (аритметичка средина), по секунда за едно деноноќие, добиена според различни ценовно-рекламни временски периоди за емитување на ППР, и тоа: Период 1 – од 00:00 до 08:00 часот, Период 2 – од 08:00 до 16:00 часот и Период 3 – од 16:00 до 24:00 часот, а таа да не ја надминува вкупната просечна цена за рекламирање на секој од радиодифузерите одделно, пресметана во последните пет изминати изборни циклуси одржани на ниво на цела територија на државата, појаснуваат од АВМУ.

Радиодифузерите кои претходно се регистрирани во ДИК не треба да поднесуваат нови барања, но се должни да достават нови коригирани ценовници.

– Сите други радиодифузери кои претходно не се регистрирани во Регистарот на ДИК, имаат право да поднесат ново барање до ДИК и да се регистрираат за емитување ППР. Рокот за регистрација и достава на ценовници е до 19 септември до 24 часот, по што Државната изборна комисија треба да ги потврди и објави ценовниците. Радиодифузерите што нема навреме да постапат по новите законски измени, го губат правото да бидат регистрирани за платено политичко рекламирање, се додава во соопштението на АВМУ.

Кампањата за претстојните локални избори кои ќе се одржат на 17 октомври започнува на 27 септември, и ќе трае до 15 октомври на полноќ. Изборите ќе се одржат со почитување на мерките за превенција од ширење на Ковид-19.