Македонија
15. March 2021 - 19:44

Иселениците од Швајцарија со најголем интерес на онлајн пописот, опозицијата бара одложување

Над 60 000 македонски граѓани кои живеат во странство се попишале во изминатите две недели. Министерот за надворешни вели дека засега интересот е поголем во европските земји, за разлика од Канада и Австралија.

Најмногу лица се само попишале во Швајцарија, околу 16.000, а тоа е една четвртина од очекуваната бројка. Потоа следуваат Германија со околу 10 илјади и Италија со шест илјади попишани лица. Послаби се резултатите во Канада и во Австралија, информираше Османи.

Османи сепак вели дека е рано да се даде оценка за успешноста на целиот процес, со оглед дека дијаспората ќе може да се попишува до 21 април. Во овој период целиот дипломатски систем е фокусиран на информирање и поттикнување на иселениците да се вклучат во пописот кој ќе биде важен за проектирање на развојните политики.

Нашите амбасади и конзуларни претставништва интензивно работат со здруженијата на граѓани, асоцијации и верски здруженија. Целата мрежа е ставена во фокусот на овој процес, како нивни прв приоритет“, изјави Османи.

Додека бројките на заразени секојдневно растат, опозициската партија и натаму бара пописот да се одржи во септември, а дотогаш да се имунизира и дел од населението и попишувачите. 

„Во период кога на дневна база има по 20 жртви, во време кога од немајкаде ставија полициски час, ќе треба незаштитени партиски војници од партиски огласи, да попишуваат домаќинства, ќе одат од дом во дом кај граѓани. Попис во вакви услови ќе предизвика нов бран на корона“ потенцираше Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Одговарајќи на новинарско прашање пак, министерот Осамни рече дека проценките дали пописот ќе биде безбеден за здравјето на населението и дали постои можност за негово одложување, ќе ги прави Комисијата за заразни болести. Оттаму засега нема најави дали и кога ќе се разгледува ова прашање.