Македонија
23. July 2015 - 13:11

Иселеничка културна средба

Потсетување и запознавање со тоа како македонските иселеници го промовираат и негуваат македонскиот јазик, фолклор и традиција онаму каде живеат и работат. Ова е целта на „Иселеничката културна средба“ што денеска се одржува во организација на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија.

Директорот на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија Васил Наумов информира дека на денешната средба е предвидена промоција на неколку книги, напишани од македонски иселеници. Книгите се отпечатени и издадени од Агенцијата за иселеништво на Република Македонија. 

- Годинава решивме да посветиме внимание на  културата, на чувањето, негувањето на македонскиот јазик и на македонскиот фолклор, рече Наумов. 

Пратеникот Ристо Манчев потенцира дека зачувувањето на мајчиниот јазик како столб на македонскиот идентитет е од врвно значење за нас, како народ и држава.

- Како поинаку да се научи мајчиниот јазик ако не преку пишаниот збор, преки книгите и букварите. Вие, со вашето творештво го збогатувате овој фонд на достапна литература, преку кој целиот свет се запознава со македонскиот јазик. Децата во иселеништво преку овие книги полесно можат да го совладаат нашиот мајчин јазик, рече Манчев. Тој им порача на на македонските иселеници да продолжат да творат на македонски јазик и така да го шират нашиот јазикот меѓу другите.

Нове Младеновски, иселеник од Мелбурн, автор на книгата „Одблесоци од вечноста“ истакна дека се обидуваарт македонскиот јазик што повеќе да се слуша, зборува иако, како што рече, често пати тоа не е перфектно. Потенцира дека Македонците се обидуваат да се претстават со својата култура пред тамошната јавност, да го презентираат македонскиот јазик, македонска култура и да пласираат вредности. 

Јагода Тренеска Цветичанин од Осијек, Хрватска, пензиониран професор по клавир е автор на автобиографијата „40 години во знакот на поврзувањето и клавирскиот мозаик“. 

- Како долгогодишна претседателка на друштвото „Браќа Миладиновци“ во Осијек го негував македонскиот јазик во училиштата, како изборен предмет, се залагав за гостување на македонски уметници и за претставување на македонски институции во Хрватска за да докажеме дека Македонија не е само добра храна, вино и друштво, туку дека имаме големи македонски ресурси кои треба да им ги претставиме во светот, рече Тренеска Цветичанин. 

Македонската дијаспора, како што посочи, е еден голем мост на поврзување на двете наши татковини. 

На средбата е предвидена промоција на повеќе книги од иселеници од Гетеборг, Берлин, Мелбурн, а ќе биде презентиран и Ансамблот „Македонка“ од Торонто, по повод 55-годишниот јубилеј од формирањето.

Средбата е организирана поради големиот интерес од претставници на иселенички организации за промовирање на активностите поврзани со чување и негување на македонската култура во иселеништвото.