Свет
21. July 2016 - 18:26

Ирска и Франција сакаат што побрз излез на Британија од ЕУ

Ирскиот премиер Енда Кени и францускиот претседател Франсоа Оланд на денешните разговори во Даблин се согласија дека е потребно што побрзо да почнат преговорите меѓу Велика Британија и ЕУ околу раздружувањето по одлуката на Британците да ја напуштат Унијата.

Тоа, според Кени и Оланд, би помогнало за спроведување на уредени преговори меѓу двете страни.

Двајцата политички лидери, сепак, се согласија дека ЕУ и Британија во иднина би требало да имаат најблиски партнерски врски.

Средбата во Даблин покажа дека Ирска и Франција, секоја за себе, имаат резерви и загриженост по одлуката за Брегзит, инсистирајќи тие да се истакнат во текот на идните европско-британски преговори за излез на Британија.

На заедничката прес-конференција во Даблин, францускиот претседател повторно му порача на Лондон дека нема да има пристап на заедничкиот пазар на ЕУ без прифаќање на слободата на движењето на луѓе и работна сила.

Владата во Даблин, пак, уште по соопштувањето на резултатот од референдумот предупреди на можноста да се доведе во прашање опстанокот на договорот од Стормонт, од Велики Петок во април 1998 година, за воспоставување траен мир во Северна Ирска.

За Република Ирска договорот се однесува на слободното движење на луѓе и стоки од Северот кон Југот на ирскиот остров и обратно, па доколку сега по Брегзит повторно биде поставена граница и царинска контрола меѓу двата дела, од кои едниот е надвор, а другиот е дел од ЕУ, тогаш се урива и суштината на спогодбата која пред 18 години беше означена како историска.

Посетата на Франсоа Оланд на Даблин се случи на само неколку часови пред пристигнувањето на британскиот премиер Тереза Меј во Париз и разговорите што таа вечерва ќе ги има со францускиот претседател.