Македонија
21. September 2021 - 12:36

Интерфест Битола одбележува 3 децении постоење

Фестивалот на класична музика „Интерфест“ Битола годинава ќе го има своето јубилејно 30 издание. Но, заради недоволниот буџет, морале да откажат неколку изведувачи. Основачите и директорите на фестивалот, брачниот пар Милица Шперовиќ Рибарски и Кирил Рибарски, велат дека и покрај се, вложија голем напор за програмата да биде на ниво на кое заслужува еден фестивал на класична музика кој опстојува 3 децении.

-Од нешто моравме да се откажеме, од операта на Сант Петербург од Русија и од Берлинските синфоничари, затоа што не ни беше даден таков буџет од Министерството за култура. Наместо да биде зголемен, буџетот е намален. Изнесува 1 милион 650 илјади денари, не е доволен, изјави Mилица Шперовиќ, Интерфест Битола. 

Втора година по ред „Интерфест“ ќе се одржува со ковид протоколи, а најавуваат дека годинава ќе се искористи и просторот на реновираниот Офицерски дом.

-Знаеме дека 30% може да примиме публика, во театарот 140 може места, а овде во Офицерски е поголема салата. Мислам дека ќе го заокружиме ова 30-годишно постоење со убав фестивал. Сите уметници кои доаѓаат кажаа дека се вакцинирани, носат потврда. Минатата обезбедивме мирен, среќен фестивал, верувам дека и сега така ќе биде, вели таа.

Шперовиќ вели дека во Битола има многубројна публика која со нетрпение го очекува фестивалот.

-Публиката ми вели, ви благодариме што вие ни ја носите класичната музика. Вие сте последниот столб кој ја одржува во живот, вели Шперовиќ.

30 издание на „Интерфест“ ќе се одржи од 2 до 12 октомври и ќе биде посветен на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески.