Македонија
24. March 2019 - 16:31

Институтот за ориз во Кочани оставен и без кадар и без финансии

Оставен на „забот на времето“, повеќе од 20 години никој не инвестира во „Институтот за ориз“ во Кочани, кој сега е само оддел од земјоделскиот институт при УКИМ. Главната пречка за зголемување на конкурентноста на пазарот е се уште нискиот принос кај македонските оризопроизводители, кој се движи помеѓу 5 и 6 тони арпа по хектар, што е скоро половичен од соседна Грција на пример, каде приносите се движат помеѓу 8 и 9 тони по хектар.  Научно-истражувачката работа која треба да до принесе за зголемување на квалитетот и квантитетот на домашното производство е целосно занемарена.

Се занимаваме со научно истражувачка работа, што значи дека нашите резултати ние треба да ги презентираме, некој да ги чита, да ги види, да ги користи. За тоа се потреби одредени средства, а нема средства и за таа работа-изјави Добре Андов, инситут за ориз-Кочани

Со само тројца вработени, од кои двајца универзитетски професори и еден правник, не можат да произведуваат семенски материјал. За италијанските сорти немаат авторски права, а за турските имаат одобрение, но нема интерес кај оризопроизводителите. Домашните автохтони сорти повеќе од две децении не се произведуваат.

Ниту имаме можност, ниту капацитети, бидејќи сме државна институција, да вработуваме млади луѓе и друг помошен персонал за да се организираме и да можеме да работиме семе производство-додаде Андов

„Белото злато“ е доминантна култура во кочанската котлина и главен извор на егзистенција за стотици земјоделски семејства. Во 80-ите години на минатиот век под ориз се посејуваа и до 9000 хектари, а сега се сее на површини од 3000 до 4 500 хектари.