Македонија
8. July 2020 - 17:00

Институт БИПС: ВМРО-ДПМНЕ до 4% предност пред СДСМ, Агенција Стратум РД: СДСМ со 2% предност пред ВМРО-ДПМНЕ

Две нови анкети објавени денеска прогнозираат два сосема различни исходи на изборниот ден.

Првата анкета објавена од институтот за истражување во областа на безбедноста и демократизацијата на човековите права и слободи – БИПС прогнозира победа на ВМРО-ДПМНЕ со речиси четири процентни поени предност пред коалицијата на СДСМ и БЕСА.

Според оваа анкета, на изборите идната среда ВМРО-ДПМНЕ ќе освои 24,3% од гласовите а СДСМ 20,4%. За ДУИ ќе гласаат 4,2% од граѓаните а за коалицијата Алијанса – Алтернатива 3,1%. 20% од граѓаните не дале одговор а 23,9% рекле дека нема да гласаат. 

Оваа анкета според соопштението испратено од БИПС е спроведена телефонски во периодот од 29 јуни до 3 јули врз репрезентативен примерок од 1323 испитаници и подлежи на маргина на грешка од 1,5 проценти.

Во втората анкета објавена од агенциајта Стратум РД победник на изборите ќе биде коалицијата Можеме предводена од СДСМ. Според оваа агенција, на денот на изборите за коалицијата на СДСМ и БЕСА ќе гласаат 25% од анкетираните а поддршка на ВМРО-ДПМНЕ ќе му дадат 23% од граѓаните. СТРАТУМ прогнозира дека за ДУИ ќе гласаат 7% од граѓаните а за коалицијата на Села и Гаши 5%. 

Според оваа анкета 11% граѓани се уште не донеле одлука, 10% одбиваат да одговорат а 16% велат дека нема да гласаат. 

Анкетата на Стратум, е спроведена телефонски врз репрезентативен примерок од 900 испитаници, по 150 во секоја изборна единица во периодот од 1 до 6 јули годинава, но нема податоци за маргината на грешка во која што би можеле да се движат резултатите.