Македонија
29. May 2023 - 16:32

Институциите и гимназијата од Охрид си ја префрлаат одговорноста за матурантката која не доби можност да полага матура

Кој, и како го направил пропустот кој спречи гимназијалка од Охрид да полага државна матура ќе истражуваат службите на Средното училиште „Св. Климент Охридски“ и надлежните од Министерството за образование. 

Тијана Силјаноска поради тоа што ја немаше на списокот на пријавени беше вратена дома. Директорката на гимназијата денеска во телефонски разговор за Сител не сакаше да зборува за случајот ниту беше расположена да даде изјава пред камера.

Од гимназијата преку соопштение само потврдија дека се случил пропуст, изразија жалење за непријатниот настан и најавија дека ќе излезат во пресрет на ученичката.

„Сакаме да потенцираме дека списоците за верификација на податоците за државна матура беа доставени на увид кај учениците уште на почетокот на второто полугодие, а потоа доставени до Државниот испитен центар. И покрај напорите на училиштето да се реши ситуацијата, сепак не се наиде на разбирање од страна на надлежните институции. На ученичката ќе и биде дозволено да ги полага двата интерни испита во училиштето во јунската испитна сесија, а тоа што останува во августовската испитна сесија“, се вели во соопштението на охридската гимназија.

Таткото на матурантката Боби Силјаноски во телефонски разговор за Сител најави дека останува на ставот и бара од надлежните на неговата ќерка да и се дозволи правото два пати да полага државна матура, а не само еднаш и тоа во август.

Матурантката не полагаше државна матура бидејќи од страна на Училишната матурска комисија на училиштето не беше  пријавена за полагање во Државен испитен центар.

„Училишните матурски комисии списоците со кандидати ги проверуваат и доколку имаат направено грешки ги корегираат и истите со потпис и печат од училиштето ги враќаат во ДИЦ. Во случајов од страна на комисија на СОУ „Свети Климент Охридски“ од Охрид така е и постапено, односно списоците се вратени со потпис и печат, но немаат направено корекции дека ја имаат испуштено матурантката Тијана Силјаноска“, се вели во соопштението од ДИЦ.

Се работи за административен пропуст од месец февруари но никој не алармирал.

Од Државниот испитен центар, апелираат до сите чинители во процесот на пријавување на државната матура многу внимателно да пристапуваат согласно нивните задолженија и надлежности.