Инклузија на младите во политиката
Ниската застапеност во институциите, недовербата во политичкиот систем и недостигот од можности за активно вклучување се дел од предизвиците со кои се соочуваат младите. Иако тие се меѓу најзасегнатите од одлуките што се носат на локално и национално ниво, нивното учество во политичките процеси и понатаму останува ограничено. Експертите посочуваат дека инклузивноста на младите во политиката не значи само присуство на млади луѓе на изборни листи, туку и нивно активно учество во креирањето политики и носењето одлуки. На оваа тема дебатираа студентите под менторство на професорите на правниот факултет при штипскиот Универзитет.
- Иако денес младите имаат многу повеќе информации, идеи и можности да се вклучат во јавнио живот, понекогаш постои чувство дека нивниот глас не се слуша доволно. Затоа е важно да се создаваат вакви простори, каде ќе имаат можност активно да учествуваат и да придонесуваат со своите идеи и иницијативи. Наша обврска е да ги поттикнеме студентите, да ги поддржуваме, не само академски да се развиваат, туку да станат активни, одговорни и кртички настроени граѓани, изјави Билјана Тодорова, декан на Правен факултет, УГД- Штип.
Студентите пак, од своја страна дебатираа од две спротивставени гледишта за тоа, дали младите треба да бидат активно вклучени во политиката или е потребна зрелост за донесување на важни општествени одлуки.
- Треба повеќе да се ангажираа во политиката, односно, да се едуцираат на едно повисоко ниво и да се подигне нивната политичка свест. Сами сме сведоци дека подмладоците на полтичките партии вршат доста добра работа со тоа што привлекуваат голем број на членови, изјави Ангел Петковски, студент.
- Јас го претставувам тимот кој што е против вклученоста на младите во политиката. Сепак мислиме дека младите прво треба да вложат во нивното образвание, за тие да развијат критичко мислење и подоцна да бидат одговорни и независни лидери, изјави Евгенија Донева, студентка.
Институциите, политичките партии и граѓанскиот сектор се согласни дека без активно учество на младите тешко може да се зборува за одржлив демократски развој. Затоа, создавањето услови во кои младите ќе бидат рамноправни партнери во носењето одлуки останува еден од најважните предизвици за иднината.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
