Балкан
18. March 2022 - 16:35

Инциденти во Собранието и пред Владата во Софија по апсењето на Борисов

Протести и тензии во бугарскиот законодавен дом предизвика вчерашното приведување на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов. Пратениците од неговата партија ги нападнаа колегите од власта пред собраниската говорница, но брзата реакција на обезбедувањето спречи физичка пресметка.

Од партијата на Борисов протестира пред Владата, Обвинителството и народ се собра и пред полициската станица каде е задржан Борисов.

Меѓу приведените е и поранешниот бугарски министер за финансии Владислав Горанов, како и поранешната претседателка на собраниската Комисија за буџет Менда Стојанова и поранешната шефица на владината служба за информирање Севдалина Арнаудова.

Борисов беше уапсен само 6 часа откако во Бугарија претстојуваше главната европска обвинителка Лаура Ковеси.

Адвокатот на Борисов тврди дека приведувањето следи по пријава на контроверзниот бизнисмен Васил Бошков од кој поранешниот бугарски премиер наводно изнудил 30 милиони евра. Локалните медиуми пишуваат дека обвинителството располага со цврсти докази дека Борисов сторил серија кривични дела со кои предизвикал штета на буџетот од 220 милиони евра. Меѓу сослушаните сведоци бил и актуелниот премиер Петков.

Според процедурата, Борисов од полициска станица би требало да излезе околу 21 ч доколку обвинителството не се произнесе поинаку. 

Со оваа специјална операција опфатени се повеќе од 120 пријави до Европското обвинителство, а се однесувале на злоупотреба на европски фондови во сферата на земјоделието и градежништвото.