„Имаме само за жетварска салата“ – Пензионерите на масовен протест во Скопје
На страна од гужвите пред Владата, баба Драгана од Велес направи жетварка за да јаде на протестот на пензионерите. Вели – пензијата ѝ стигнува само за режиските трошоци и за лекови.
Пензионерите од сите градови масовно протестираа во Скопје.
Се собраа пред американската амбасада, а потоа маршираа до владата за да побараат повисоки пензии.
Незадоволни од примањата бараат линеарно зголемување на пензиите за 5.000 денари, а минималната пензија да биде 18.000 денари.
- Собрани сме од сите краишта на Македонија. Дојдовме по нашето право. Ние имаме право да живееме. Имаме право на доствоинствен живот. Но, овие позади нас не ни даваат да живееме, вели потпретседалката на Иницијативниот одбор на пензионерите, Верче Јанчевска.
- Власта не го праша воопшто Уставниот суд кога ги качија платите за 78%. Интегративците никогаш не ги спомнавте нашите пензии, а ги барате нашите гласови. Срам да ви е. Од претседателот на партијата до најмалиот таму, срам нека им е на интегративците, вели Исмаил Лика, Иницијативен одбор Тетово.
Пензионерите бараа средба со премиерот, бидејќи, велат дека министерката Тренчевска само купува време и повеќе не ѝ веруваат.
- Во МТСП не сакаме да бидеме повикани, и да бидеме повикани нема да појдеме. Единствено барање, сакаме да разговараме со премиерот Ковачевски и претседателот Пендаровски, од овие нема што да очекуваме, вели Јанчевска.
Одлуката на Уставниот суд со која избраните и именуваните функционери добија покачување на платите од 78% беше иницијална каписла за револт кај повеќе групи на граѓани. Пензионерите неколку месеци протестираат ширум градовите барајќи зголемување на нивните пензии.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
