Македонија
4. September 2020 - 19:55

Има ли власта целосна контрола во пратеничките редови?

Владата зема залет, а Собранието стои во лер. Еден месец по конститутивната седница и речи си цела недела по изборот на новата Влада Македонија нема функционален законодавен дом бидејќи мнозинството се уште нема договор за формирање на работните тела во Собранието без кои, практично не може да се носат закони. 

Од кабинетот на Џафери утрово велат дека се уште немаат добиено предлози за кадровскиот состав на комисиите поради што и се уште не е закажана седница.

„Претседателот Џафери ќе свика седница за формирање на работните тела на Собранието во моментот кога политичките партии ќе достават предлог. До овој момент таков предлог не е доставен од ниту една партија. Штом истиот биде доставен, Претседателот ќе може да свика седница“ – велат од Кабинетот на Џафери.

Во опозицијата велат дека се загрижени поради тоа што месец дена по конституирањето Собранието се уште не е функционално.

Загриженост постои и во албанскиот опозициски блок. Генералниот секретар на Алијансата денеска на прес конференција рече дека причина за блокираното собрание се несогласувањата внатре во собраниското мнозинство, поради што како што рече, многу пратеници од власта почнале да и намигнуваат на опозицијата

Од СДСМ вината за блокираното Собрание ја префлраат врз опозицијата.

„Најостро го демантирам таквиот спин од опозицијата. Станува збор за 21 комисија, по 8 имаме ние и ВМРО-ДПМНЕ, 3 ДУИ и 2 Алијанса и Алтернатива. Таа одлука се носи со консензус меѓу сите пратенички групи, но тоа не значи дека ќе дозволиме уцени и ултиматуми од опозицијата со крајна цела, блокада на Собранието. Очекувам дека ќе најдеме заеднички јазик во текот на следната недела за да го затвориме и ова битно прашање за функционирањето на Собранието“ – вели за Сител координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески. 

На почетокот на неделата спикерот Џафери лансираше идеја за одржување на онлајн собраниски седници што во опозицијата беше дочекано како уште еден доказ дека мнозинството во Собранието е нефункционално и не може да обезбеди кворум поради што како што велат се обидува да се скрие зад онлајн заседанија на кои нема да се знае ниту кој е присутен ниту кој за што гласал.