Македонија
9. July 2022 - 17:44

Има ли разидувања со чешкото претседателство околу преговарачката рамка?

Чешка како земја претседавач на ЕУ е многу вознемирена од францускиот предлог, начинот на кој се донесе и разбираме зошто е тешко за Македонија да го прифати. Ставовите на чешкото МНР ги пренесе Јана Јузова од институт Еуропеум, на дебатата во Скопје во организација на Институтот за европска политика.

Чешката аналитичарка открива дека од францускиот предлог незадоволство пројавуваат и други земји, кои биле држени во темно во изминатиот период. Но главниот проблем, вели Јузова, е што и тие членки забележуваат сериозни проблеми во ваквиот пристап.

“Чешка е многу вознемирена од Франција, но и од Бугарија. Причината е што предлогот не е консултиран со останатите земји членки на ЕУ. Од она што го чувме, за предлогот е прашана само Бугарија, а другите земји членки не се воопшто информирани, се до оној момент кога предлогот им е презентиран. Чешка, но и другите земји членки ги увидуваат сериозните проблеми кои ги содржи овој предлог и гледаме зошто тој е неприфатлив, односно зошто е многу штетен за прифаќање за Македонија”

На овој начин се нарушува основниот принцип на единство во Унијата, но пострашно е што политиката на проширување добива преседан кој носи длабоки негативни последици, вели Јузова.

“Во овој поглед би рекла дека ставот на Чешка кон ова прашање ќе биде да се направи колку што е можно помала штета. Да се ублажат негативните ефекти и исто така, да се увериме дека ова нема да стане преседан. Бидејќи каков и компромис да биде постигнат, тој нема да биде добар и нема да биде нешто со што Македонија ќе биде среќна, а можеме само да шпекулираме за последиците кои ќе ги има”

Војната во Украина го истисна проширувањето на ЕУ од приоритетите на чешкото претседателство, но сепак Чешка нема да го занемари ова прашање.

Јузова вели дека доколку Скопје го одбие францускиот предлог, Прага воопшто не размислува да ги раздвои Македонија и Албанија на патот кон ЕУ, бидејќи чешкото претседателство смета дека раздвојувањето само ќе му даде легитимитет на бугарското вето.

ИЗвори од Европската Унија сепак брифираат дека  Чешка е подготвена да го продолжи процесот според францускиот предлог и дека нема разидување во позициите со Париз и Брисел.

Чешка пред две години беше една од двете земји членки која стави вето на на заклучоците од Советот на ЕУ за проширувањето, поради барањето на Бугарија во нив да стои терминот “погрешно толкување на историјата”, сметајќи дека тоа е штетно и ќе предизвика понатамошни компликации.