Има ли работа за младите кои пандемијата ги врати дома?
Нема точна бројка колку лица се вратиле во Македонија заради ковид пандемијата, но европско истражување за Западен Балкан покажало дека околу 40% од оние кои работеле или престојувале во европските земји се вратиле во своите држави.
„Има истражувања на Европската унија за шесте држави на Западен Балкан каде стои дека близу 40 проценти од луѓето кои немале странско државјанство или кои што имале привремен престој во земјите на ЕУ се вратени во земјите на Западен Балкан. Најголем дел од нив се се уште тука, со можности поголемиот дел од нив да останат во своите држави и тука да почнат да придонесуваат со работа, преку отворање на сопствени бизниси или вклучување како експерти во различни бизниси“, рече Сашо Додовски, МКЦ Битола.
Токму таа цел ја имаше и петтиот по ред Саем на кариера во Битола, единствен ваков саем кој се одржува во југозападниот регион – да ги спои работодавачите и луѓето кои бараат работа.
-Дава можност младите луѓе, самохраните родители, а воедно и оние кои ги доживеале последиците од пандемијата во својот работен ангажман да добијат шанса повеќе“, рече Наташа Петровска, градоначалник на Битола.
Според Агенцијата за вработување, токму во овој регион има најголем интерес за мерките практиканство.
-Интересот на младите за практиканство е добар, имаме голем број апликации. Имаме интерес и од фирмите, ова е можност младите невработени лица да се стекнат со практична работа кај конкретен работодавач, изјави Јешим Сејфуловска, раководител на Агенција за вработување Битола.
Покрај практиканството, голем интерес има и за мерката самовработување.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
