Македонија
14. October 2021 - 21:21

Има ли интерес кај родителите за скрининг на нивните деца?

Повеќето родители не сакаат нивните деца да бидат тестирани  против ковид во училиште, вели Драгана Спасевска од иницијативата „ Учебници и настава мора да има“. За родителите е нелогично со скринингот кој треба да почне следната недела да бидат опфатени здрави ученици, а стравуваат и дека овој процес негативно ќе влијае врз децата, особено кај помалите генерации, вели Спасевска.

Дека засега нема интерес од страна на родителите во врска со скринингот, ни посочија и директорите од неколку скопски основни и средни училишта. Од ОУ Коле Неделковски, кое ќе биде едно од училиштата каде што ќе се врши тестирањето, ни одговорија дека чекаат насоки од надлежните како ќе се одвива процесот.

Засега нема информација ниту дали и колку барања од родителите пристигнале до министерството за здравство, откако денеска најавија дека стартуваат со собирање на согласности.

 Инаку анкетата која ја спроведе Факултети.мк и Деца.мк  покажува дека речиси 70 проценти од родителите не би се согласиле  нивното дете да биде тестирано за Ковид. Па така родителите кои имаат деца на возраст од 6 до 8 годили сметаат дека тестирањето ќе претставува малтретирање за нивното дете и не сакаат постојано да биде оптоварувано со ковид-темите. Родителите на средношколците пак посочиле дека треба да бидат тестирани сите деца а не по случаен избор.

Според најавата на здравстевните власти со скринингот  ќе бидат опфатени околу 8200 ученици. Тестирањето ќе се спроведе во 364 основни и 109 средни училишта.  766 ученици ќе бидат тестирани од скопските училишта, 546 од Тетово, 489 од Куманово, 378 од Битола, 309 од Прилеп и 296 од Гостивар.