Македонија
22. April 2020 - 19:38

Има ли автохтони случаи на корона вирус во Македонија?

Може ли случајот со починатата велешанка да биде затворен само со образложението на здравствените власти дека смртта кај жената  настапила 3 до 5 недели пред да биде пронајдена? Според овие анализи, мајката кај која посмртно беше откриен корона вирусот како и нејзиниот син починале на средината или почетокот на март, што е најмалку 10 дена пред да биде официјално  регистриран и првиот заболен со Ковид-19 во Велес на 26ти март. Од Комисијата за заразни болести не успеавме да добиеме одговор според  епидемиолошките анализи со кој случај во градот е поврзана 90 годишната старица која била слепа и дали всушност таа е првиот автохтон случај на заразата во државата. И додека за надлежните нема простор од понатамошни истражувања, директорот на скопскиот Центар за јавно здравје со уверување дека засега оваа контроверзна приказна е индикација за постоење на корона во Македонија уште од почетокот на годината.

-Дали случајот во Велес е прв автохтон случај во државата?

„Не мислам дека е прв автохтон случај во земјата. Во едно многу блиско време ќе се излезе со јасен став, сомневањата се дека е многу порано. Ако во Кина имало во декември, тогаш може брзо да се проширило и да сме имале уште во јануари“, вели др. Арбен Зибер, директор на Центар за јавно здравје во Скопје.

Според статистиката на ИЈЗ, во февруари биле пријавени 19.874 случаи на грип што е за 8000 повеќе од ланската сезона, додека, пак, во јануари годинава имало 6315 заболени или двојно повеќе од 2019. Овие бројки според Зибери укажуваат дека Ковид-19 не е присутен во Македонија од 26ти февруари, а тоа го поткрепува и со рекациите на матичните лекари дека многу болни оваа сезона не можеле да се излечат и по еден месец, а антибиотскта терапија не дејствувала.

-Во јануари беа преполовени училиштата, многу луѓе отсуствуваа од работа, имаше многу повеќе заболени од вообичаено, а и матичните реагираа, вели Зибери.  

И здравствените власти се свесни за големата разлика во бројот на заболени од грип годинава. Но најавија испитување на дел од примероците што ги чуваат во ИЈЗ кон крајот на годината.

Освен кај нас и во многу други европски земји експертите се сомневаат дека корона вирусот се појавил многу порано од регистрирање на првите случаи.