ИЈЗ: Три случаи на конго-кримска хеморагична треска, еден случај на морбили
Одделот за епидемиологија на заразни болести при ЈЗУ Институт за јавно здравје (ИЈЗ) регистрира три лабораториски потврдени случаи на конго-кримска хеморагична треска од 26 април до 4 јуни. Сите три случаи биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, информираат денеска од ИЈЗ. Воедно, периодов регистриран е и првиот случај на мали сипаници или морбили, станува збор за дете од струшко село.
Првиот случај годинава е 57-годишен сточар кој одгледува крави во село во општина Крива Паланка. Во однос на експозицијата, пријавил присуство на крлежи кај добитокот и каснување од крлеж на долните екстремитети, седум дена пред почетокот на симптомите.
Вториот регистриран е 29-годишен електричар кој работи во приватна фирма, од село во општина Арачиново. Тој негирал каснување од крлеж, контакт со животни и патување во странство.
Овие пациенти биле испишани од Инфективната клиника во Скопје.
Најновиот случај е лабораториски потврден на 4 јуни. Станува збор за 68-годишен пензионер од Делчево, кој често престојува во делчевско село. Тој дал податок за каснување од крлеж на долните екстремитети во селото, изваден во домашни услови.
Во сите случаи биле пребарани контактите во семејството и во посетените здравствени установи. Блиските контакти, доколку ги имало, биле ставени под здравствен надзор од 14 дена.
Меѓу пријавените симптоми се епистакса, малаксаност, замор, повраќање, фебрилност, болка во мускули, пролив, тресење, главоболка.
Од ИЈЗ велат дека според досегашните податоци, постои веројатност за понатамошно пријавување нови случаи.
- Постои среден ризик за населението на Република Северна Македонија, но, истиот може да се минимизира со држење до препораките за превенција од надлежните институции, нагласуваат од ИЈЗ.
Смртноста од ККХТ, како што се појаснува, достигнува и до 40 отсто.
- Вирусот се пренесува на човек пред сѐ од крлежи на домашни животни. Трансмисијата од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, секрети, органи или други телесни течности на заболените лица, наведуваат од ИЈЗ.
Одделот на епидемиологија на заразни болести денеска добил пријавa за изолиран причинител на мали сипаници од страна на Одделението за вирусологија при ИЈЗ. По добиените пријави, епидемиолошки тим бил на увид на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје.
- Се работи за шестгодишно дете од село Лабуништа, Струга. Според податоците добиени од лабораторијата, направено е серолошко тестирање за мали сипаници со добиен позитивен резултат со IgM. Исто така, со PCR е детектирана RNA на мали сипаници. Детето е невакцинирано со МРП-вакцина. Живее во шестчлено семејство, а помалата сестра е со присутна температура и исип пред една недела. Родителот дава податок за сомнителен контакт, сосед кој прележал „сипаници“. Не посетува градинка или училиште и не патувале во странство седум до 23 дена пред почетокот на исипот, додаваат од ИЈЗ.
Ново на Сител
-

Иран ги обвини САД дека не ги исполниле своите обврски по израелскиот напад во Либан
-

Трамп ги повика Израел и Хезболах да престанат со напади „за да не ги расипат“ напорите за мир во регионот
-

Пожар помеѓу штипските села Долани и Љуботен, едно лице повредено
-

Полицијата приведе возач од Батинци, управувал возило со 244 километри на час, двојно поголема брзина од дозволеното
-

Мицкоски: Нема мигранти, но ќе има брза пруга, се потврди дека СДСМ кажува невистини
-

Мицкоски: Реконструкција на Владата по роденденот на партијата на 17 јуни
-

СП 2026: Стартни победи на Австралија и Шкотска, по бод за Бразил и Мароко
-

„Центарска симфонија“ синоќа во организација на Општина Центар
