Македонија
9. December 2015 - 14:31

ИЈЗ: Алармантна состојбата со аерозагадувањето

Аерозагадувањето не влијае само на респираторниот и на кардиоваскуларниот систем, туку и на сите органи во организмот. Не постои орган кој не е загрозен од овие токсични честички. Во Македонија поради последиците од аерозагадувањето годишно умираат 1.050 до 1.060 луѓе. Околу 30 до 40 отсто има зголемување на заболувањата пред се на белодробниот и на кардиоваскуларниот систем во текот на овој зимски период. 

Ова денеска на прес-конференција го истакна проф.д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на Република Македонија, кој е национален координатор за областа здравје и животна средина и член на меѓусекторската работна група за управување со квалитетот на воздухот. Тој рече дека таквото зголемување ги оптоварува сите сегменти на здравствениот систем почнувајќи од амбулантните возила, амбулантните установи, болниците и нивните служби за итна медицинска помош...Според него, болниците се преполни и допрва ќе бидат преполни.

- Најновата бројка денеска од мониторинг системот е дека и минатите пет дена имавме континуитет на концентрации над дозвлените највисоки во Тетово до 350 микрограми на метар кубен ПМ10 честички, Скопје до 260 микрограми, Битола до 150 микрограми, рече Ѓорѓев.

Според него, станува збор за психотична состојба бидејќи ова е еден тип на еко психоза познат кога има голем токсичен период, а нема излез бидејќи воздухот не можеме да го смениме.

- Десетина дена сме во период кога најголем дел од 17 мерни станици во државата покажуваат концентрации на честички од 10 микрони, па и од 2,5 микрони, далеку над дозволеното ниво. Има миење улици со хемикалии-тоа е парцијална мерка која е насочена кон последицата, а не кон причината. Мерките мора да се насочат кон изворите и додека примарно не ги насочиме кон изворите ова ќе се повторува секоја година, рече Ѓорѓев.

Влегуваме, појасни, во фаза кога треба да се преземаат и алармни активности. Нагласи дека идната недела на состанокот на интерсекторската група ќе расправаат и за алармни нивоа не како што е сега просекот пет дена да биде над 50 микрограми континуирано, туку и на два дена кога ќе се зголемат концентрациите на 152 и 200 микрограми на метар кубен, кои кажуваат дека состојбата е алармантна.

Меѓу причините за аерозагадувањето ги наведе нерационалното користење на возилата, староста и бројот на возилата, несоодветни типови горива за греење, непроверени инсталации во тие системи за греење...

- Загадувањето може да се намали со акутни мерки кои се предвидуваат - ако во алармните периоди дојде до примена на мерките кои се предлагаат да се огранички сообраќајот во централниот дел на градовите, да се забранат постари возила да влегуваат во тој дел, да се направи организација на системот на сообраќајот, затворање на градежните активности...тогаш ќе дојде до одредено намалување на аерозагадувањето, истакна Ѓорѓев.

Посочи дека некои од препораките кои се прават во некои од европските земји се затворање јавни објекти, пред се училишта и детски градинки за што ќе расправаат идната недела кога ќе се осврнат на новите алармни нивоа.

- Мерките покрај тоа што се индивидуални се препорачува на отворен простор што помалку да се престојува, физичка активност да се прекине во вакви услови, активност на надворешен простор да се ограничи. Има и препораки да се носат маски во индустрии каде е загрозен белодробниот систем. Во последните пет шест години 60.000 нови возила се дојдени во Македонија и има околу 400.000 возила од кои огромен број се со категорија на пречистување која во ниту една европска земја не би биле примени, рече Ѓорѓев.

Според него, пушењето и издувните гасови од системите за греење се два главни загадувачи на внатрешниот воздух.

- Докажано е дека ризикот од ефектот на аерозагадувањето е за три или четири пати повисок кај пушачите отколку кај непушачите и пасивните пушачи, истакна Ѓорѓев и додаде дека населението и натаму ќе го известуваат за здравствените ризици.