Македонија
16. September 2019 - 14:40

Игор Јанушев: Зоран Заев бега од избори

Зоран Заев бега од избори. Бега од соочување со граѓаните, затоа што е свесен дека власта е заглавена во криминал, корупција и мега скандалот Рекет.

Тоа што избегнува отчет пред народот не е ново, го видовме и во 2016  кога на два пати одложуваше избори. Но, сега Заев се крие од своите сограѓани затоа што знае дека поразот ќе биде катастрофален.

Политиките во здравството, образованието, културата доживуваат крах. Економијата е во агонија и каскаме не само во споредба со Европа, туку и во споредба со земјите од регионот.

Животот кој го ветуваше се претвори во безперспективност и затоа забрзано Македонија се празни. Ветувањата за кои се пењавеше во кампањите останаа обични лаги. Владата на Заев ќе биде запаметена како најнеспособната влада во историјата на Република Македонија, која не може ни тоа што самата го проектира да го оствари. Тоа што се неспособни граѓаните може и ќе им го простат, ама тоа што се штетни за Македонија тоа никој не може да им го прости, па дури и најголемиот дел од нивните поддржувачи.

Го погазија достоинството и на граѓанинот и на државата, и дрско продолжуваат да му ја потценуваат интелегенцијата на чесниот народ. Капак на сето ова е криминалот во кој се фатени 100:0. На дело видовме дека власта на СДСМ креирала рекетарско-обвинителско-политички октопод кој тргува со правдата, креира и монтира обвинителски акти, за потоа да уценува, изнудува и игра мајтап со правната држава.

Нема правда, нема мир беше мотото многу брзо го заборавија и наместо тоа инсталираа Луј Витон правосудство кое има за цел да го штити криминалот на власта, а истовремено да ги гони политичките неистомисленици на Заев. Правдата ја претворија во политичка маша во рацете на Заев која згора на се уште ја користат  за земање на милионски суми рекет.

Ова не е ни процент од криминалите, скандалите и катастрофалните чекори на оваа власт на Зоран Заев и однародената елита околу него. Ова е само врвот од сантата мраз. Секој ден излегува нова вистина за криминалот на власта исто како што секој ден Македонија тоне се подлабоко и подлабоко со нив.

Затоа Заев ајде  на избори!

Избори се неопходни што поскоро, затоа што тоа и треба на Македонија. Да се формира техничка влада, согласно законот за да се овозможи фер и демократски избори, а истовремено да се заштити изборниот процес од спринтереските полнења на кутии и злоупотребата на власта. Стравот на СДСМ и Заев е очигледен  бидејќи поразот ќе  биде неминовен.

Тоа што Заев и власта се храбрат  самите себе со нарачани анкети и анализи не им поминува ниту во нивното членство. Но, еве ако Заев се охрабрил од таквите мерења, нека повели и нека излезе на соочување на избори.

Заев, Да одиме на Избори! Иднината на оваа држава стана заложник на криминалот на оваа власт, и колку побрзо ќе се ослободи, дотолку побрзо ќе се тргне сидрото наречено Заев и Македонија ќе тргне напред.

Стандардот на граѓаните, благосостојбата на младите, земјоделците, работниците и стопанствениците, пензионерите е можна  само со обнова на Македонија која ќе почне токму со деинсталирање на Заев.