Спорт плус
29. May 2017 - 15:45

Иџе најави борба за прво место во генерален пласман

Најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски Иџе по историската победа во Нирбургринг на трката од ФИА ЕТЦЦ најави атак на шампионскиот трофеј во конечниот пласман.
 
- Благодарение на луѓето од мојот тим победив на една од најтешките патеки на светот. Ова е голем успех, не само за мене туку и за целата екипа. Резултатот на „Нирбургринг“ дава надеж да почнеме да мислиме и за борба за врвот во Генералниот пласман. Покажавме дека можеме да се „носиме“ со многу поискусните од нас и ќе се обидеме во последните три трки да го нападнеме првото место во конечниот плсман, изјави Иџе на денешната прес-конференција.
 
Второто место по првата трка и првото место во втората трка на Стефановски му донесе нови 18 бода со што се искачи на 3.место во Генералниот пласман. Лидер е Шрејбер со 44 поени, пред Фулин кој има бод помалку.
 
Иџе очекува добар пласман и на следната трка.
 
- Ме очекува тешка трка на патеката „Вила Реал“ во Португалија. Ќе биде многу важно таму да направам добар резултат, бидејќи се работа за трка на која сите натпреварувачи освојуваат дупли бодови. Се надевам дека атмосферата ќе биде позитивна. Тие што ме познаваат знаат дека не се откажувам лесно и дека ќе се борам за првото место, потенцира Стефановски.
 
До крајот на сезоната во ЕТЦЦ шампионатот – кружни патеки остануваат уште трките „Вила Реал“ (Португалија) 23-25 јуни; „Золдер“ (Белгија) 15-17 септември и „Мост“ (Чешка) 6-8 октомври.