Македонија
1. April 2022 - 16:44

ИДСЦ и ЕПИ ги исцртаа црвените линии во разговорите со Бугарија

Темите за етнојазичната генеза на Македонците да не бидат услов во европската интеграција и Македонија да се воздржи од започнување преговори со ЕУ по секоја цена, порачуваат политиколозите. Институтот за демократија и Институтот за европска политика објавија препораки како да се заштитат националните интереси во преговарачкиот процес.

„Принципиелните позиции на кои што треба да се гради компромис со Бугарија се дека преговарачкиот процес не смее да биде заложник на договорот за добрососедство, односно истиот на никаков начин не смее да биде дел од преговарачката рамка. Тоа е прва работа. Значи, не смее да има некаков механизам, кој што ќе го следи или мониторира дали договорот се остварува или не од наша страна, бидејќи тоа на Бугарија и дава слобода да го злоупотребува и по сопствено толкување да кажува кога ние го прекршуваме, кога не, како што впрочем се случува и сега“, вели Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија „Социетас цивилис“-Скопје.

Во анализата се истакнува дека ако Македонците се принудени да се откажат од својот идентитет и достоинство за да зачекорат кон европските интеграции, тогаш не може да се зборува за европски интеграции. Преговарачкиот процес мора да европеизира, а не да бугаризира, посочуваат експертите.

„Ако процесот не ја заштити Македонија, ако не биде заштитен од ирационални барања за објективни толкувања на историја, иднетитет, проблематизирање на македонскиот јазик, етногенезата, значи дека бил кодификуван само од 45-та натаму, претходно бил бугарски или, пак, дека Македонците претходно биле Бугари и слично, самиот тој процес ќе биде извртен во својата спротивност. Ќе стане процес на фрустрација на нас, како општество, зголемување на популизмот, национализмот и одбивност кон самата Европска Унија“, објаснува Трошановски.

Политиколозите бараат Историската комисија да се ослободи од рокови и резултати.

„ Таа треба да работи слободно на научни факти, како што е секаде во светот и сите добри пракси покажуваат дека се дебатира и разговара со декади, не со месеци. Така да, евентуално треба да се утврди процес како нејзините препораки и компромиси до кои што ќе дојдат да се имплементираат понатаму во образовен процес и сите аспекти што двете страни сметаат дека се потребни. Тоа е важно и добро е да се интернационализира комисијата. Сепак, не станува збор за билатерална историја. Станува збор за светска историја, за која што немаме право да ги разговараме само ние и Бугарите, туку треба да се вклучат и странски експерти“, вели Трошановски.

Експертите особено нагласуваат дека евентуалното влегување на бугарското малцинство во Уставот мора да се случи на крај, откако ќе се ратификува пристапниот договор со ЕУ од сите членки. Во спротивно, ако се стори тоа претходно, ќе остави можност Бугарија повторно да ја блокира Македонија по било која основа.