Свет
11. September 2015 - 10:28

ОН: Идниот генерален секретар може да биде и жена

Обединетите нации се очекува денеска да усвојат резолуција, според која, следниот генерален секретар на Светската организација може да биде и жена и тој треба да се јави на интервју за работа, како и останатите раководни кадри. 

Сегашниот генерален секретар на ОН Бан Ки-мун ќе ја напушти функцијата кон крајот на следната година, по двата петгодишни мандати.

Нацрт-резолуцијата предвидува Советот за безбедност и Генералното собрание да испратат до 193-те земји-членки покани за претставување на кандидати.

Имињата на тие мажи или жени и нивните автобиографии ќе бидат јавно објавени, а постои можност тие да бидат повикани на разговор пред Генералното собрание.

- ОН всушност претставуваат мултинационална компанија, која треба да назначи претседател и генерален директор, изјави дипломат од СБ.

Од создавањето на ОН во 1945 година генералните секретарни беа избирани најчесто зад затворени врати од 15 земји-членки на Советот за безбедност. Избраниот кандидат, потоа беше одобруван од Генералното собрание. 

Во СБ најголема тежина имаа гласовите на петте постојани земји-членки со право на вето, САД, Франција, Велика Британија, Русија и Кина. Според дипломатите за да има поголеми шанси за избор кандидатот досега требало да ја има поддршката од САД, да е „компатибилен“ со Русија, односно да не доаѓа од балтичките земји и да биде способен да каже „два-три речници на јазикот на Молиер“. 

За период од 79 години на функцијата се сменија осум лица, сите мажи, иако во принцип не е забрането на оваа функција да дојде и жена.

Во една резолуција од 1946 година сепак се споменува дека кандидатот треба да биде „достоен маж“, со оглед на тоа што во тоа време било незамисливо да се избере жена. 

Со цел ниту еден збор да не биде причина за некаква дискриминација, потребно е да се посочи „најдобриот можен кандидат, кој е докажан во своите лидерски способности и умешноста да раководи, со големо искуство во меѓународните односи, силно дипломатско и комуникациско чувство и познавање на повеќе јазици, се вели во информацијата на ОН.

Многумина сметаат дека крајно време е на чело на ОН да застане жена. Петицијата, иницирана од Колумбија, обедини вчера околу 40 држави. Во СБ Велика Британија отворено се изјасни за избор на жена во услови на фер натпревар меѓу кандидатите. 

Веќе се споменуваат и некои имиња, како поранешната премиерка на Нов Зеланд, Хелен Кларк, претседателката на Чиле Мишел Бачалет и две Бугарки, генералната директорка на УНЕСКО Ирина Бокова и еврокомесарката Кристалина Георгиева. Досега ниту една жена официјално не е пријавена во трката.