Македонија
15. April 2018 - 10:04

Идентитетот не е спорен, остануваат името и опсегот на употреба

Македонскиот премиер Зоран Заев на вчерашниот брифинг со медиумите посочи дека е постигнат напредок за најголемиот дел од прашањата во спорот со името и дека остануваат опсегот на употреба и името за меѓународна употреба.

Точно е дека поголем дел од работите се решени и тоа, истакна, му дава право да верува дека има исчекор, но, посочи дека и тоа што е решено, може да се смета дека е договорено само ако има конечен договор.

Во однос на грчките забелешки за иредентизам, Заев смета дека треба да се изнајдат формулации дека немаме територијални претензии, дека немаме намера да ја повредиме границата што не разграничува и дека немаме намера да се мешаме во наследството на Грција, истовремено и тие во нашето наследство.

Заев потврди дека референдум за името ќе има, а прашањето е дали ќе биде веднаш по евтуалниот договор или пред самиот влез на Македонија во НАТО или во ЕУ.

За опсегот на употреба и грчкото барање за ерга омнес, Македонија е на став дека договореното име треба да биде само за меѓународна употреба без промена на Уставот, затоа што домашната употреба на името нема никакво влијание врз Грција.

За прашањето за идентитетот, Заев рече дека Грција има разбирање бидејќи станува збор за лично чувство и определба и не алудира на промена.

Тоа е прашање на чувство и грчката страна има разбирање за оваа работа и ред е тоа да го потврдам заради тоа што тоа е еден од првите позитивни моменти што се појавија. Премиерот Ципрас и  министерот Коѕијас имаат разбирање за идентитетот. Идентитетот е чувство и не алудираат на промена на идентитетските прашања, рече Зеав.

За државјанството, вели дека ќе биде согласно новото име што ќе биде за меѓународна употреба. - Би било веројатно граѓанин на Северна/Горна/Вардарска или слично, тоа што ќе го одлучиме, кроз Маседониа. Јас очекувам да бидат потврдени прашањата што се веќе и опишани во графите на ОН како што е македонскиот јазик, со тоа што апсолутно сме подготвени да ги отстраниме сите нивни резерви за некакво алудирање на наследство или слично, заради тоа што немаме намера со потврда на нашиот уставен јазик, македонскиот јазик да навлегуваме во наследството на Грција, истакна македонскиот премиер.

Според него, секое решение што ќе биде договорено треба да помине кај институциите и граѓаните на двете земји. 

Никола Димитров

Министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју за емисијата „360 Степени“ во врска со тековните преговори за името рече дека во Виена бил постигнат значителен условен напредок, но се уште остануваат отворени и без решение најтешките теми, како што се грчкото барање за промена на Уставот на Република Македонија и опфатот на употреба на новото решение.

Тој потврди дека од четирите клучни елементи во преговорите (новото сложено име, опфатот, именувањето на јазикот и на државјанство), се уште еден стои како разлика, што влијае и на другите.

-  Во нашата цел да се постигне поголема дистинкција бидејќи тоа го бара Грција, во интерес на нашата иднина, отворање на вратите, инвестирање во ова пријателство со соседот, нас ни е важно да не го чепнеме идентитетот, бидејќи тоа не можеме да го менуваме со договор, ниту било која било политика сегашна, идна, мината, може тоа да го направи, и тука имаме сигнали од Виена, после тоа, сега, коишто одат во добар правец. Меѓутоа многу е важно ова решение да биде одржливо, а за да биде одржливо тоа мора да биде достоинствено и се уште имаме разлика во елементот на опфатот. Мислам дека е важно кога се мерат чекорите и идниот договор, да се води сметка за сегашниот правен режим и договорот да се мери според реалноста, каква е сега, а не во однос на почетните преговарачки позиции, бидејќи почетните преговарачки позиции можат да бидат и многу далеку од реалноста, рече Димитров.

Грција МНР

Како политички несоодветна постапка, кругови од  го карактеризираат ставот на грчката опозициска партија Нова демократија, „да ги стават на сметка на Министерството за надворешни работи и министерот Никос Коѕијас, ставовите на министерот за надворешни работи на ПЈРМ Никола Димитров“, објави грчката државна новинска агенција АНА-МПА.

Неофицијалната реакција од Министерството за надворешни работи на Грција се однесува на изјавата на одговорниот за надворешна политика Јоргос Кумуцакос, кој како што завчера објави МИА, упати критики до грчката влада дека „се чини дека прифаќа дека Грција, наводно има иредентистички аспирации кон соседот“ идека „логиката на идентификација на Грција и Скопје во прашањето со иредентизмот е неприфатлива“.

Истите кругови (од грчкото МНР) потенцираат дека веќе е време Нова демократија да покаже елементарна сериозност во нашите национални прашања, коментирале кругови од грчкото МНР за АНА-МПА и додале дека „опозициската партија нема право да ги става на сметка на владата ставовите на трети земји“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, истите извори од Министерството за надворешни работи на Грција, потсетиле дека шефот на грчката дипломатија уште од 7 март 2015 јасно ги поставил прашањата со иредентизмот и дека без ефикасно справување со нив, не може да има решение. А во тие рамки се и преименувањата на аеродромот и автопатот.