Македонија
25. April 2021 - 16:36

И во ек на пандемија министерствата имаат повеќе возила од Брзата помош

Годината помината во пандемија го зголеми обемот на работа на итната медицинска помош. Бројот на повици речиси секаде бележи зголемување, но има служби кои работат со ограничени ресурси и екипи. Таков е примерот на службата во Гевгелија која само со две возила покрива регион од три општини со околу 35 000 жители.

Во просек оваа служба има по околу 30 домашни посети. Велат за сега успеваат да одговорат на потребите на граѓаните, но неминовна е потребата од барем уште едно теренско возило.

Во Струмица работат четири екипи, а од неодамна се засилени и со петта која го покрива регионот на Ново Село кој е и нај оддалечен. Во моментов проблем со возила немаат, но зголемениот обем на работа ја наметна потребата за дополнителни медицински екипи.

Ги разбираат граѓаните кои понекогаш реагираат, но тврдат дека и во вонредни услови брзата помош доаѓа најмногу за 15 минути. Истовремено апелираат и на поголема сообраќајна култура која често може да го забави нивното движење.

Според последното истражување направено во 2019 од центарот за граѓански комуникации  47 те здравствени институции во државата имаат вкупно 183 амбулантни возила, во кои влегуваат возилата за прва помош и санитетските возила. Две години по истражувањето  промени на подобро има, но не се доволно.

Податоците на центарот покажуваат дека за разлика од амбулантните бројот на службените возила во министерствата и општините е за неколку пати поголем. Доколку набавките на службените возила се рационализираат за кратко време ќе може да се обезбедат средства за набавка на нови и модерно опремени амбулантни возила.