Македонија
13. October 2020 - 16:31

И учениците од дуалното образование иднината ја гледаат во Европа

Како обид за стопирање на иселувањето, намалување на невработеноста, но и одговарање на потребите на пазарот на труд во СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ од Прилеп веќе втора година се спроведува проектот за дуално стручно образование според германски принцип. Учениците одат на практична настава во една домашна и две странски инвестиции во Прилеп. 50% од образовниот процес им се состои во пракса, за која добиваат и паричен надоместок. После средното училиште веднаш ќе им биде понудена и работа во компаниите, но бизнисмените не кажаа ниту збор дали ќе ги зголемат платите, главниoт мотив за иселување на младите..

„Поаѓаме од фактот дека овие ученици во најголем дел ќе останат во компаниите во кои се обучувале, но не може да сме 100 % сигурни и не може некому да му забраните да оди да се запише на некој стручен технички факултет или да замине“, кажа Патрик Мартенс, претседател на Делегацијата на германското стопанство во Македонија.

Во Прилеп станува збор за ученици со струки Техничар за индустриска мехатроника и Техничар за производно машинство. 

„Се надевам дека со ваквии и слични проекти, каде се вложува во учениците уште во текот на нивното образование, дека на некој начин ќе ги придобиеме и самите да согледаат дека и тука имаат иднина, доколку навистина се доволно добро стручно оспособени“, додаде Билјана Трајкоска, директор на СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ – Прилеп.

Но за жал младите ваквото дуално образование не го гледаат како можност да останат тука, туку само шанса да добијат повеќе знаења за да се иселат од Македонија.

„Се гледам себеси во странство, бидејќи таму има подобри услови и за образование и подобра плата“, истакна Марио Бошески, ученик во СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ – Прилеп.

Овој проеккт се спроведува во 7 стручни училишта во Македонија.