Балкан
13. јуни 2017 - 9:07

И по Вучиќ, Вучиќ

Независне новине – Бања Лука

Александар Вучиќ поднесе оставка на премиерската должност за да ја преземе функцијата претседател на Србија, на која беше избран со убедливо мнозинство на априлските избори веќе во првиот круг. Со неговата оставка падна и Владата на Србија, а прва претседателска задача му е да го додели мандатот за формирање нова влада на својот наследник.

Не може како порано Мило Ѓукановиќ да си додели сам на себе мандат, бидејќи е во спротивна ситуација, поради тоа што по своја волја моментно највлијателната позиција во државата ја замени за идната највлијателна.

„Прашање од милион долари“ е кој ќе ја добие довербата на Вучиќ да ја води новата влада во веројатно истиот или речиси ист состав?

Обложувалниците, најверојанто еден од најточните политички барометри, типуваат на Ивица Дачиќ, поранешен премиер и актуелен вицепремиер и министер за надворешни работи, лидер на Социјалистичката партија на Србија (СПС) и петгодишен коалициски партнер на Српската напредна партија (СНС) на Вучиќ.

Во игра се уште неколку имиња од СНС, па и некои експерти, но со помали шанси, иако се можни и изненадувања.

Нема сомнеж дека Дачиќ е добар избор од неколку причини. Прво, како и сите овие години, има големо политичко искуство, вклучувајќи го и двегодишниот премиерски стаж кога улогите формално беа обратни, кога Вучиќ беше прв вицепремиер. Натаму, поради цврстите врски не само во овој коалициски период, туку и во 90-те години на минатиот век, Александар Вучиќ може да смета на лојалноста на Дачиќ.

Таа лојалност се покажа и на овогодишните претседателски избори, кога Дачиќ се откажа од сопствената кандидатура и својата и партиската сила ја насочи кон поддршка на Вучиќ. Не треба да се потенцира, со нешто отворени и многу сокриени отпори и забелешки дека СПС ја става во подредена улога, дури како фракција на СНС.

Таквиот потег сигурно треба да се награди, иако може да делува како политички луксуз, бидејќи со целата своја вештина, Дачиќ во текот на 15-те години на власт ги промени сите можни политички партнери и ги напушташе без поздрав, што значи дека поранешниот најголем коалициски потенцијал го сведе на минимум.

Но, уште поважно од таа нападна лојалност е фактот дека Дачиќ доброволно се согласува да биде во сенка на Вучиќ и дека на претседателската позиција, Вучиќ ќе има лојален човек на чело на Владата. Нема дилеми дека и со некој друг кандидат кој лично ќе го одбере би имал иста лојалност, но со овој потег би ги смирил страстите внатре во коалицијата.

Сопствената партија ја смири во моментот кога на Томислав Николиќ му ја зема можноста повторно да се кандидира за претседател на Србија и тешко е да се верува дека некој друг во СНС ќе се одважи на еден вид пуч, иако сите мислат дека премиерската позиција траба да и припадне на партијата, а некои и себе си се гледаат во првата фотелја на улицата „Немањина“.

Секако, не е потребно да се потенцира дека Ивица Дачиќ, како и досега, верно го следи курсот што го одредува Александар Вучиќ, сеедно дали од „Андриќевиот Венец“ или од „Немањина“, сеедно кон Брисел или Москва, Вашингтон или Пекинг, кога се во прашање надворешните односи на Србија. И секако, се на внатрешен план што веќе пет години се обидуваат или го прават.

Исто така, нема дилеми дека и новиот кабинет ќе го составува Вучиќ, на изборот на ново/стара влада ќе му даде можност да „откачи“ некои кои не ги исполнија неговите очекувања или да рехабилитира кадри кои привремено се во матно, како екс-министрите Никола Селаковиќ и Братислав Гашиќ.

Се на се, во Србија нема да се изменат многу работи во наредните месеци, а секако не пред некои нови парламентарни избори, бидејќи Александар Вучиќ како лидер на најголемата партија има контрола над парламентарното мнозинство, кое е нешто потенко од претходното, но и натаму е силно.

Најверојатно нема да ја повтори грешката на Николиќ и да ја предаде партијата на друг, бидејќи во Србија моќта се црпи токму од контролата над водечката партија, а не над државните институции. Поинаку кажано, државните институции се еден вид продолжеток на владејачката партија/коалиција и кој ќе ги испушти партиските дизгини тој ја испушта и моќта.

Дваесет и пет години долгата повоена повеќепартиска пракса тоа недвосмислено го покажува. На Слободан Милошевиќ релативно ограничените претседателски овластувања не му пречеа целата моќ да ја концентрира во сопствените раце се додека СПС беше најсилна машинерија. Слично беше и со Борис Тадиќ додека Демократската партија ја држеше под целосна контрола. Конечно, ни на Вучиќ ништо не му пречеше од позиција прво на вицепремиер, а потоа на премиер да ги држи сите алки на власта во сопствените раце.

И да ги задржи во наредните пет години, колку што е претседателскиот мандат, макар и кршејќи го Уставот и како и сите негови претходници да го задржи раководството со партијата. Една од клучните алки во целосната доминација ќе биде Парламентот, над кој спротивно на Уставот и на законите, извршната власт имаше целосна контрола. Втората алка е целосна контрола над сите служби за безбедност, која веќе со години е во рацете на Вучиќ.

Така всушност доаѓаме до ноторниот факт дека тоа прашање од милион долари и не вреди многу, бидејќи коцките однапред се познати. Единствено што идилата на власта може нешто да промени се белградските избори, кои мора да се одржат најдоцна до идната пролет, но тоа е на долг стап, бидејќи наспроти најмалиот процент на поддршка, Вучиќ и тука е неприкосновен. И ќе остане ако и во иднина успешно ја амортизира опозицијата, која и така е склона кон поделби и проблеми во својот мал атар.

Целата оваа приказна секако има и регионална перспектива, бидејќи Александар Вучиќ и во очите од регионот, дури и од тој дел кој го негира, како и во очите на меѓународната заедница е клучен балкански играч. Пред се, поради бриселските преговори со Косово, кои за разлика од својот претходник Николиќ, и натаму ќе ги води тој

Исто како што ќе го води и кабинетот во „Немањина“, без оглед на тоа на кого ќе му го додели мандатот за тоа. Факт е дека на мнозинството Срби таквиот распоред на силите не им пречи, но да нема изненадувања кои и во Србија се случуваат од време на време на престолот на „Андриќевиот венец“, бидејќи гаранција е дека Вучиќ ќе биде незаменлив и во наредните пет години.

Не само на Србија, туку и во соседството, а извесно и малку подалеку, Ако ништо друго и соседите и меѓународните партнери и фактори добро знаат со кого имаат работа, што е темел за изградба на стабилна политичка моќ.