Македонија
13. November 2015 - 17:08

И фармацевтите бараат заштита на интегритетот на здравствените работници

Од понеделник лекарите од Дигестивна хирургија се враќаат во операционите сали. По тридневниот бојкот на работата револтирани од вооружениот напад врз нивниот колега Љубомир Огненовиќ и известувањето на медиумите, од наредната недела ќе ги отворат амбулантите за пациентите. Според информациите на Сител, добиле засилено обезбедување а во ноќната смена најверојатно ќе дежураат по двајца хирурзи.

Ова се само дел од нивните барања а за останатите најавија продолжување на разговорите со Министерството за здравство.  Денеска осуда за нападот врз хирургот и поддршка на лекарската фела даде и Фармацевтската Комора. И нивните членови се постојано мета на вербални и физички напади од пациенти.

-Па имаме и тоа најчесто се зависници или, пак, знаете дека во аптека одат болни и тоа со психички растројсвта или пак оние кои цел ден можеби се нервирале и бесот го истураат врз фармацевтотот во аптеките, вели Бистра Ангеловска претседател на Фармацевтска Комора

Од Комората велат дека пред секоја аптека е невозможно да има чувар или обезбедување. Затоа апелираат до граѓаните да се воздржат од напади врз фармацевтите.

-Фармацевтите како едни од најдостапните здравствени работници, секојдневно се изложени на постојан ризик за својата безбедност. Невозможно е да се заштитат на поинаков начин и затоа надлежните регулаторни органи да преземат соодветни мерки за заштита на итегритетот на здравствените работници, вели Ангеловска

Нападот врз хирургот Огненовиќ беше причина и за вчерашниот протест на Синдикатот на скопските клиники кој побара системски промени за подобрување на состојбата на здравствнеите работници. Во меѓувреме лекари ја потпишуваат Повелбата иницирана од МЗ. ЛКМ и МЛД која треба да го заштити достоинството на белиот мантил и да биде преточена во закон за докторска дејност.