И ЕУ е со Велика Британија во врска со обвинувањата за труењето на рускиот шпион | Сител Телевизија
Свет
13. March 2018 - 11:50

И ЕУ е со Велика Британија во врска со обвинувањата за труењето на рускиот шпион

Европската унија ќе биде со Велика Британија откако Лондон соопшти дека најверојатно Москва стои зад труењето со нервен агенс на поранешниот руски шпиун Сергеј Скрипал во Англија, изјави денеска потпретседателот на Европската комисија Валдис Домбровскис.

- Многу сме загрижени за ситуацијата како и од неодамнешните резултати од истрагата на Велика Британија, рече Домбровскис.

На пашањето дали ЕУ ќе поддржи евентуални акции против Русија, потпретседателот на ЕК одговори дека „Британија може да смета на солидарност од страна на ЕУ по тоа прашање“.

И американскиот Стејт департмент претходно издаде соопштение, во кое истакна дека САД во целост веруваат во истрагата и проценката на Обединетото Кралство дека најверојатно Русија е одговорна за нападот со нервен гас на поранешниот шпион Сергеј Скрипал.

Во соопштението стои дека САД контактирале со сојузниците во Обединетото Кралство, вклучувајќи и телефонски разговор меѓу државниот секретар Тилерсон и министерот за надворешни работи на Велика Британија, Борис Џонсон.

- Имаме целосна доверба во истрагата на Обединетото Кралство  и неговата проценка дека најверојатно Русија е одговорна за нападот со нервен гас кој се случи минатата недела во Солсбери, стои во соопштението.

Исто така се додава дека „за ваков вид напади – обид за убиство на приватно лице на територија на суверена држава“ не постои оправдување.

- Ние сме вознемирени поради тоа што изгледа дека Русија повторно е вклучена во таква постапка...Од Украина до Сирија, а сега и во Обединетото Кралство, Русија продолжува да биде одговорна сила за нестабилноста во светот, делувајќи со отворено занемарување на суверенитетот на другите држави и животот на нивните граѓани“, се вели во соопштението.

Во документот се наведува дека и САД се согласуваат дека оние кои се одговорни, односно „и оние кои го извршиле злосторството и оние кои ја издале наредбата - мора да сносат сериозни последици“ и се додава дека САД се солидаризира со сојузниците во Обединетото Кралство.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон претходно изјави дека труењето на поранешниот шпион Сергеј Скрипал во Велика Британија „јасно доаѓа од Русија“ и оти „сигурно ќе предизвика одговор“, но не прецизираше каков.

Тој рече дека не знае дали руската Влада знаела за труењето, но оти отровот не можел да потекне од ниту едно друго место.

Според него, супстанцата е позната во САД, но не е широко распространета.

Британската премиерка Тереза Меј  вчера во британскиот Парламент изјави дека е „многу веројатно“ дека Русија е одговорна за труењето со нервен агенс на Скрипал и неговата ќерка. Меј нагласи дека Британија во врска со тој случај е подготвена да преземе далеку посеризони мерки кон Русија отколку порано.

- Голема е веројатноста дека Русија е вмешана во труењето на Скрипал бидејќи е утврдено дека супстанцата е од Русија, нагласи Меј.

Русија потоа оцени дека изјавата на Меј е политички мотивирана и се базира на провокација.

- Тоа е циркуско шоу во британскиот Парламент. Заклучокот е очигледен: ова е повторно информативно-политичка кампања базирана на провокација, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков претходно изјави дека труењето на поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал во Велика Британија не е прашање за руската Влада.

- Споменатиот руски државјанин работел за една од специјалните служби на Велика Британија, тоа се случило на територија на Велика Британија и на никаков начин не е прашање за Руската Федерација, односно раководството на Руската Федерација, рече портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин.

Песков истакна и дека не слушнал за обвинувањата на британските политичари за можна вмешаност на Русија во овој напад.

Поранешниот резервен полковник на руското воено разузнавање кој бил врбуван за британското разузнавање МИ6, поради што во 2010 година е осуден за предавство, Сергеј Скрипал и неговата 33-годишна ќерка Јулија од минатата недела се во болница во критична состојба, откако се пронајдени без свест на клупа во градот Салсибери на југот од Англија.