Македонија
25. November 2018 - 17:09

И движењето Бојкотирам и ВМРО-ДПМНЕ на протести од следната недела, власта смета дека бранат криминал

На точно една година од приведувањето на лицата обвинети за тероризам, поради настаните на 27 април минатата година во Собранието, ВМРО ДПМНЕ излегува на улица. Од опозициската партија велат дека ваквата реакција е резултат на најмонструозниот процес во историјата на нашата земја, против луѓе чии што единствен грев е љубовта кон татковината.

Протестот кој ќе се одржи во среда ќе започне од Плоштадот ВМРО во 17.00 часот и ќе заврши пред владата.

Најавените протести од страна на раководството на ВМРО ДПМНЕ се последна форма на одбраната на криминалот на Груевски, реагираат од СДСМ.

- Пионот Мицкоски нема што да им понуди на граѓаните, нема идеја, нема програма, ниту план. Наместо тоа, нуди само деструкција, тензии и блокади. Граѓаните ја гледаат и чувствуваат разликата помеѓу криминалното и расипничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ и одговорното и домаќинско управување Владата предводена од СДСМ, велат од владеачката партија.

За идната недела сенароден протест најавуваат и од граѓанската иницијатива “Македонија Блокира”. Демонстрациите ќе започнат во сабота, на 1 декември од 12.00 часот пред Собранието.

Организаторите велат дека откако ќе почне протестот нема да се враќаат дома се до конечно распуштање на Собранието и распишување на предвремени избори без Зоран Заев како премиер.