И детето и мајката во стабилна состојба - МВР нема информации за случајот
Стабилна е здравствената состојба и на детето и на мајката од Хиподром. И двајцата сеуште се на интензивно лекување на КАРИЛ, откако 37 годишната жена вчера утрото го фрли синот од 4-от од терасата на станот во кој живееле. Синоќа шестгодишното дете поради внатрешно крварење во главата е оперирано на Клиниката за неврохирургија.
-Операција мораше да направи заради појава на крварење меѓу коската и овојниците на мозокот. Вчера кога е примено на иницијалниот скен немаше знаци за крварење, а попладне се појави ова крварење и мораше да се реши хирушки. Операцијата помина добро без проблеми. Детето е во стабилна состојба, да се надеваме дека ќе продолжи така и натаму. изјави проф.д-р Александар Чапаровски, директор на Клиниката за неврохирургија.
Освен на главата според лекарите детето нема знаци на повреди на други органи.
-Крварењето е последица од ударот при падот. Се надеваме дека ќе биде добро закрепнувањето. На двата контролни компјутера нема знаци за оштетување на мозочното ткиво,додаде проф. Чапаровски.
Во меѓувреме на Клиниката за анестезија реанимација и интензивно лекување се освестила и мајката. Од КАРИЛ информираат дека денеска жената е во стабилна состојба и не е на апарати за дишење.
Ден по трагичниот настан од полицијата сеуште без детали за мотивите зошто мајката си го фрли шестгодишниот син од тераса. Од МВР информираат дека се работи на случајот. Вчера во акцијата бил вклучен и алпинистички тим.
-Заедно со тимот за преговарање бил ангажиран и алпинистички тим за спуштање и влегување во станот. Во моментот кога Е.С. се наоѓала на прозорот сакајќи да скокне, полицискиот службеник се спуштил до прозорот обидувајќи се да ја фати, но истата откако го здогледала веднаш скокнала по што се здобила со тешки телесни повреди и истата била пренесена во Ургентниот Центар во Скопје за укажување на лекарска помош, одговорија писмено од МВР.
Ова пред камерата на Сител го раскажа и очевидец.
Трагичната семејна драма на улицата Пехчевска се случи вчера утрото. Мајката пред очите на таткото кој бил пред зградата го фрли детето од терасата, по што самата скокна од 4-от кат.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар