Балкан
5. August 2017 - 14:21

Хрватска молчи, а на Европа не и е грижа

Глобус - Загреб

Турската власт заговара политичко преуредување на БиХ, посебно на босанско-хрватската Федерација, во либерална граѓанска држава во која би владеело граѓанското мнозинство, кое веднаш би се покажало како босанско мнозинство.

Пред повеќе од една година во Загреб беше одбележана сто годишнина од Исламската заедница во Хрватска. На прославата на 27 април во 2016 година најголема ѕвезда беше претседателот на Република Турција Реџеп Тајип Ердоган. До него стоеше неговиот главен „балкански вазал” босанскиот член на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ, чиј татко Алија пред да умре лично ја остави БиХ во аманет на Ердоган.

Од изјавите на хрватските политичари и медиумските извештаи за тој настан не можеше да се дознае зошто Ердоган беше на таа прослава. Кој воопшто го покани и зошто тоа го направи? Дали беше поканет како неформален лидер на сите муслимани на светот или макар на Европа, како што сака да размислува сам за себе? Каква врска има тој со хрватските муслимани? И што претседателите на номинално секуларните држави Турција и БиХ имаат со муслиманската заедница во Хрватска, која не е само босанска и турска, туку и албанска, ромска, арапска? Според пописот на населението во 2011 во Хрватска живееја повеќе Албанци и Роми земени заедно (34.448) од Босанци (31.479), а Арапи беа десет пати повеќе од Турци (367).

Изгледа нема дилеми за тоа дека турскиот претседател бил поканет на прославата како наследник на политичките прадедовци на тукашните муслимани. Исламската заедница во Хрватска настана со доселување на муслиманите од БиХ откако земјата ја зазема Австроунгарија во 1878 година, а каде се основаше во текот на повеќевековната власт на Османлиското царство како Исламска деспоција која постепено го исламизираше домашното население. Додека во 1468 година, пет години по падот под османлиска власт, во БиХ имало околу 99 отсто христијански и 1 отсто муслимански домаќинства, на преминот од 16 во 17 век муслиманите биле апсолутно мнозинско население во Босна и релативно мнозинство во Херцеговина. Во почетокот на 21 век станале апсолутно мнозинско население во цела БиХ.

Се чини дека нема дилеми ни за тоа дека претседателот на Турција бил поканет како голем и угледен државник. Ердоган додуша тогаш толку очигледно не ја радикализира својата политика и реторика како подоцна, но се водеше во таа насока. Откако дојде на власт, се посилно се профилира како автократски владетел кој ги ограничуваше и укинуваше политичките права и слободи на луѓето, ја суспендираше слободата на медиумите и владеењето на правото, ги негираше правата на етничките малцинства, ги укина секуларните придобивки и ја исламизираше државата и општеството. На Курдите, најбројно етничко малцинство, турската власт со децении им го негираат етничкиот идентитет, нарекувајќи ги „планински” и „источни” Турци. Кога тоа се покажа безцелно, ги поделија на лојални граѓани и на терористи, применувајќи груба политика со државен тероризам за да ги уништат „терористите”, а всушност политички, културно и економски ја уништија курдската заедница.

Паралелно со се порепресивната внатрешна политика, која по неуспешниот државен удар во 2016 година поприми застрашувачки размери, Ердоган водеше се поагресивна надворешна политика. Стратешки дефинирајќи ја Турција како балканска, блискуисточна, медитеранска, европска и азиска држава, покажа амбиција да игра важна а по некаде и главна улога во тие делови на светот. Сакаме да бидеме присутни насекаде и ќе бидеме присутни насекаде им се допаѓало тоа на другите или не - рече идејниот творец на неосманската надворешна политика на Турција, Ахмет Давутоглу.

Бидејќи процесите во сите тие делови на светот тргнаа во непосакуван правец за Турција, Ердоган се повеќе се профилираше како „насилник од Босфорот” кој државата од внатре ја претвора во претседателска автократија, а во надворешната политика пропагира некаков „противкрстоносен џихад” на чиј удар се најде цела Европа.

Во текот на кампањата за референдумот во 2017 година со кој парламентарната република е заменета со претседателска автократија, демократските западноевропски земји во кои живеат повеќе милиони турски доселеници, во Холандија, Германија, Белгија, Австрија и други земји, постојано ги нарекуваше фашистички држави кои ги депривилегираат и тероризираат Турците кои живеат во нив само затоа што се муслимани. Го обвини целиот Запад дека води крстоносна војна против муслиманите и Турција како муслиманска држава. Наспроти тоа, Турција ја прикажува како примерна мултиконфесионална и мултиетничка држава, какво што наводно било Османлиското Царство од кое настанала, во кое верските и етничките малцинства ги имаат сите права и слободи. Ердоган така се покажа како исламистички и националистички митоман кој како и сите митомани, не се откажува ни од најлошите фалсификувања на историјата.

Двата најмасовни и најстрашни примери за масакри и прогони на христијаните во 20 век се случиле токму во Турција.

Иако било на умирање, Османлиското Царство собрало сили во 1915 година, во текот на Првата светска војна во која се стави на страна на поразените Сили на Оската, извршило страшен геноцид во кој се убиени милион до милион и пол ерменски христијани, неутврден број биле прогонети од земјата и незнаен број биле присилени да го прифатат исламот.

Осомничени дека не се лојални на државата во која живеат, Ерменците се нашле во канџите на турската политика која сакала верски и национално да ја хомогенизира државата или тоа што останало од неа по губењето на териториите на Османлиското Царство кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Власта го укинала млетскиот систем како облик на каква-таква заштита на муслиманските малцинства, некој обил на „верски апартхејд” во кој живееле како граѓани од втор ред и ги изложила на целосно самоволие на централната и локалните власти. Идеолозите и организаторите на геноцидот ги запоседнале министерствата кои управувале со војската, полицијата и жандармеријата како главни извршители на масовни злосторства.

Во масите ги разбудиле вкоравените предрасуди кон немуслиманските и нетурските малцинства и ширеле уверување дека Турците се економски и политички робови во сопствената држава.

Јусуф Актур еден од главните националистички идеолози, утврдил дека „буржоазијата во 19 век се состоела од Евреи, Грци, Ерменци, сите нетурски неавтохтони елементи, вистински чиновници и агенти на западниот капитализам и од Левантинците на кои е невозможно да им се открие потеклото или националноста”. Во геноцидот учествувале и муслимани од други етнички групи, пред се Курдите, Чеченците и Черкезите.

Не поминало долго од тој страшен злостор, кој политичките теоретичари го нарекуваат „масакр кој го промени значењето на масакрите”, кога по тригодишната грчко-турска војна од 1919 до 1922 година Турција се одлучила да ги отстрани и грчките христијани. Во најмасовната присилна размена на населението во современата историја, која меѓународната заедница ја потпишала на Конвенцијата во Лозана во 1923 година, кога таа веќе поминала, од Турција во 1923 до 1924 година биле преселени над еден милион Грци, кои биле нарекувани „турски државјани со гркоправославна вера” и „анатолијски христијани”, а биле примени околу 350.000 Турци трансферирани од Грција.

Во одмаздничкиот поход на победничката турска војска бил запален и разрушен стариот космополитски град Смирна, во кој над 60 отсто жители биле Грци, Евреи, Ерменци и припадници на останати немуслимански заедници. Од пепелот на Смирна никнал Измир кој ете, зачувал нешто од добрата историска традиција па на референдум гласаа против Ердогановата суспензија на парламентарната република. 
Инаку, за трагедијата на Смирна кај нас може да се слушне само од сапунските производи на турската индустрија за забава проткаени со политичка пропаганда, каква што е серијата „Ранета љубов” која неодамна ја емитуваше РТЛ, веројатно затоа што во неа глумат Халит Ергенџ и Бергјузар Корел кои во таа куќа донесоа голема популарност, а со тоа и пари во „Шехерезада” која деноноќно ја вртат хрватските телевизии, посебно програмски културно безобзирната па и бесрамна Нова ТВ. Инаку, ако темата на турските сапуници не се случува во Истанбул (Константинопол), необично често се случува на историски крајно значајни места, како што е покраината Хатај, порано сириска Александрета, со главниот град Антакија (Антохија), или во поранешните мнозински грчки, ерменски и курдски градови Измир, Адана, Вану и на други места. Сериите се со реминисценции за турската историја на тие места, но нема ни назнаки за тоа дека во нив порано живееле некои други луѓе. На пример, Адана порано била мнозински ерменски град кој во 1909 година бил поприште на предгеноцидниот масакр на Ерменците во кој биле убиени околу 25.000 луѓе.

Во големите присилни размени на населението во 1923-1924 година привремено биле поштедени само околу 150.000 Грци во Истанбул и на стратешките острови Имброс и Тенедос, од кои се контролирал теснецот Дарданели. Но, во време на кипарската криза во 60-тите години од Истанбул морале да се иселат речиси сите преостанати Грци, а на двата острови кои биле преименувани во Гокчеаду и Бозкад, биле затворени грчките училишта на грчки јазик и укинати правата на грчките малцинства, кои потоа се раселиле ширум светот. Договорот од Лозана, со кој ги отстраниле грчките христијани и денес се слави како најголема дипломатска победа во историјата на Турција.

Следела пресметка со кипарските Грци, иако од одговорноста за судирот на Кипар никако не можат да се исклучат островските Грци и Грција. Кипарските Грци се одговорни за избивањето на политичката криза во 1963 година, бидејќи нивниот претседател надбискупот Макариус III во својите „13 точки” еднострано го суспендирал Уставот, кој на Кипар го наметнале Британците и кој силно политички го повластувал турското малцинство кое сочинувало околу 18 отсто од жителите. Кипарските Турци одговориле со бојкот на институциите, граѓанска војна, сецесија и основање на Турска Република Северен Кипар, де факто држава која опстојува со децении благодарение на политичкото признавање и економската помош од Турција. Оправдувајќи се со тоа дека ги спасува сонародниците, турската војска во 1974 година извршила инвазија на Кипар и останала на островот до ден денешен.

Ги бранела кипарските Турци и ја одржувала во живот нивната парадржава, а исто така спроведувала и колонизација на Кипар, т.е. населувала Турци од Анадолија и други делови на земјата, но и од Бугарија, на островот. Така постепено се менувал етничкиот состав на островот па од почетните 18 отсто уделот на Турците во кипарското население се зголемил, како што се проценува на околу 25 отсто. За да се реинтегрираат мирно во единствената држава, Турција бара од Кипар да биде конфедерација или макар силна федерација.

Пред неколку дена генералниот секретар на ОН објави дека повторно пропаднале преговорите за повторното обединување на Кипар, меѓу другото затоа што Турците не се согласуваат на повлекување на регуларната војска на Република Турција од Кипар, бидејќи колонизираните Турци не сакаат да се иселат од островот и бидејќи турското малцинство бара големи колективни институционални права и повластици во политичкиот систем.

Бара и повеќе од она што во политичката теорија се пропишува во ортодоксната консоцијација. Во кипарската ортодоксна консоцијација пред распаѓањето на државата уставно било забрането во изборите на турскиот претседател на државата и турските членови на парламентот да учествуваат Грци, а на Турците не им паѓа на памет дека и во потенцијалната идна обединета кипарска држава може да биде поинаку. Наспроти тоа, на Турција е нормално тоа што босанското мнозинство два пати го избра хрватскиот член на Претседателството на БиХ, а волна е тоа да го направи повторно.

Имено, турската влада заговара политичко преуредување на БиХ, посебно на босанско-хрватската Федерација, во либерална граѓанска држава во која нема да бидат институционализирани колективните политички права на некои национални заедници. Би владеело граѓанското мнозинство, кое веднаш би се покажало како јасно босанско мнозинство, па Хрватите би останале слабо заштитено малцинство на кое практично ќе остане власта или управата во општините каде се мнозинство.

Однесувањето на турската влада не е само начелно и безобразно, ако се има предвид тоа што истовремено го бара за турското малцинство на Кипар, кое го смести на хеленскиот Кипар со бајонетите на османлиската војска, туку е и опасно бидејќи ги изразува стратешките цели на надворешната политика која сака да ја обнови културната и политичката хегемонија на Турција на просторите на поранешното Османлиско Царство на Балканот. Притоа најмногу се потпира на Босанците и босанската политичка династија Изетбеговиќ која воспостави некаков псевдовазален однос со наследниците на османлиските владетели во БиХ.

Дали во 2016 година сето тоа го имаа на ум највисоките хрватски функционери, од претседателката на државата Колинда Грабар-Китаровиќ, па политички целосно неписмениот премиер Тихомир Орешковиќ, па се до лидерот на ХДЗ Томислав Карамарко, кои весело ги поздравуваа „пријателите на Ердоган” во Загреб? Го имаат ли тоа на ум кога по повод одбележувањето на годишнината од неуспешниот државен удар, амбасадорката на Турција во Загреб јавно тврди дека Хрватска во се ја поддржува Турција? Но, наместо демократски неверодостојната Турција, таа концепција на политичко преуредување на БиХ ќе ја бутка Германија, која по излезот на Велика Британија станува еден вистински политички владетел на Европската унија, со својата властољубива канцеларка која како што јавно не убедуваа е политички па и лична пријателка на премиерите од ХДЗ од Санадер до Пленковиќ.

И е гајле на Германија и на нејзината канцеларка за последиците од надворешно наметнатата политика на околу половина жители во БиХ, кои, во тоа воопшто не треба да се соменва, ќе бидат далекусежни и погубни. Народот залудно не го стави своето животно искуство во поговорката: чувај не Боже од пријателите, од непријателите сами ќе се чуваме.