Македонија
16. April 2023 - 16:32

Христос воскресе - денеска е Велигден, најголемиот празник во христијанството

Торжествено со литија три пати околу соборниот храм се одбележа Воскресението Христово. Дворот беше претесен за верниците кои дојдоа заедно да ја слушнат најрадосната вест за победата на животот над смртта.

Архиепископот Охридски и македонски упати порака за мир и радост, меѓусебна почит, со  добри дела верниците да го слават Христос онака како што тој заповедал.

Поглаварот на МПЦ ОА ги благослови сите и ги повика да запалат свеќа од пламенот на благодатниот оган, кој за прв пат црковна делегација го донесе директно од божјиот храм во Ерусалим. Овој Велигден го славиме во канонско единство, да се чуваме од поделби и да бидеме духовно и национално обединети порача поглаварот.

Верниците се кршеа јајца, а потоа голем број од нив продолжија на Пасхална полуноќница за да се причестат по 7 неделниот пост.

Велигденска литургија во Соборниот храм се одржа  и утринава а се прославија и неколку крштевки на деца. Верниците со радост го дочекале најголемиот празник, ден кога се собираат со најблиските и споделуваат бојадисани јајца кои се симбол за Христовото Воскресение.

Христовото Воскресение е ветување за вечен живот, најголемиот настан во историјата на црквата врз кој се потпира верата на православниот свет. Велигден се слави три дена.  Со зборовите Христос Воскресе, Навистина Воскресе верниците си честитаат се до празникот Св. Спас.