Македонија
19. October 2016 - 10:11

Христо Татарчев - живот посветен на Организацијата

Во центарот на Ресен, на аголот од две улици со низа од стари куќи на видни ресенски семејства, се наоѓа родната куќа на д-р Христо Татарчев (1869-1952), еден од основачите на Македонската револуционерна организација (МРО) и прв претседател на нејзиниот Централен комитет. Овде, во неговиот дом, во август 1894 година било одржано Ресенското советување (Ресенски конгрес) на Македонската револуционерна организација, прво од ваков вид, на кое се донесени значајни одлуки за понатамошно конкретно и активно делување, борба на македонскиот народ за национално и социјално ослободување.

Во овој, денес, Музеј - Спомен куќа на Татарчеви, изградена врз постојните темели, комплетно екстериерно и ентериерно автентично на уништената од забот на времето, зачувани се спомените за животот и делото на борецот за остварување на изворната идеја за самостојна и независна држава на Балканот. Изложени се голем број на документи, научно верификувани факти и аргументи, фотографии и оригинални предмети кои говорат за историјата на ова ресенско семејство, како и за личниот придонес на доктор Христо Татарчев кој својот животен век го посветил на својата визија за обединета и демократска Македонија.

Хронолошки, музејската поставка илустрира три периоди, од основањето на Македонската револуционерна организација до Илинденското востание, преку постилинденскиот период до Првата светска војна и периодот по 1919 година до неговата смрт во 1952 година. Покрај револуционерната активност на д-р Христо Татарчев, презентирани се и настаните и личностите непосредно поврзани со неговиот животен пат. Сето сликовито го доловуваат и осумте силиконски фигури, повеќето портретни и масовни сцени кои дополнително го збогатуваат амбиентот и самата музејска поставка. Низ Спомен куќата на Татарчеви, што е дел од Националната установа „Завод и музеј“ Битола, не води Петар Стојчески, историчар на уметноста.

Христо Татарчев

Јак интелектуален ген

Татарчеви биле богата и угледна ресенска фамилија. Со генерации биле банкари, доктори, трговци и земјопоседници. Школувањето на нивните поколенија на престижните европски универзитети им било приоритет, па кога на 16 декември 1869 година се родил Христо, било извесно дека и тој ќе „наследи“ една од „фамилијарните“ професии.

И навистина, по образувањето во Ресен, се школува во Брацигово и во Пловдив, Бугарија. Од таму заминал во Цирих, Швајцарија на студии по медицина, но дипломирал на Универзитетот „Фридрих Вилхелм“ во Берлин во 1892 година. Потврда за ова е копијата од неговата докторска дизертација на Берлинскиот универзитет на тема професионални неврози, изложена во Спомен куќата. Кога се вратил во Македонија бил назначен за лекар во Солунската егзархиска машка гимназија.

- Татарчеви биле голема фамилија и носеле многу јак интелектуален ген како семејство. Само ќе споменам, д-р Асен Татарчев, еден од многуте лекари во фамилијата, роднина на д-р Христо Татарчев, бил гиниколог кој ја формирал првата гиниколошка ординација во Македонија после војната. И денес ги има насекаде по светот и понатаму најмногубројни со истите професии. Самиот Христо бил женет со Софија, девојка што ја запознал во Солун каде бил лекар, но немале деца. И таа била задоена со револуционерни идеи и идеи за слобода и била негова голема поддршка. Инаку во Ресен живеат неговите правнуци од брат, Бојана и Јордан, вели Стојчески.

Младиот Татарчев бил исклучително ценет од сите, неговиот статус на лекар многу му помогнал додека бил во Солун, па можел да агитира за слободна Македонија и да привлекува нови членови и видни имотни граѓани во Организацијата чиј еден од идеолозите бил. Оттука, ни малку не било случајно што токму тој бил избран за претеседател на Централниот комитет на Македонската револуционерна организација, што претседавал со Ресенското советување на Организацијата во 1894 година и што на Солунскиот конгрес од 1896 година повторно бил избран за претседател на Централниот комитет на ТМОРО. Во 1901 година бил уапсен во текот на Солунската афера и затворен во затворот „Подрум Кале“ во Мала Азија. Бил амнестиран во 1902 година по што заминал во Бугарија, пред Илинден, каде што станал дел од задграничното претставништво на Организацијата. На таа позиција останал до 1905 година.

Во неговата богата биографија стои забележано дека во 1904 година заедно со Борис Сарафов и Христо Матов започнале преговори со владата на Османлиската Империја за реформи кои требало да бидат спроведени во Македонија. Задграничното претставништво на Организацијата изготвило и Проект за реформи кој не бил прифатен од официјалните османлиски претставници. Татарчев бил еден од делегатите на Ќустендилскиот конгрес од 1908 година и избран за дополнителен челен на преставничкото тело на ВМОРО. Отворено ја поддржувал работата на Бугарските конституциони клубови, иако никогаш не станал член на таа организација. Во 1910 година бил избран за член на Централниот комитет на Организацијата. Д-р Христо Татарчев учествувал во Балканските и во Првата светска војна како лекар во редовите на бугарската армија. На 2 август 1918 година по повод 15. години на Илинденското востание, на покана на Наум Томалевски, кмет на Крушево, држел поздравен говор. По Првата светска војна бил член на Привремената комисија на македонските братства во Бугарија и еден од иницијаторите за создавање на Македонската емигрантска федеративна организација. Поради несогласувањата со Тодор Александров околу разликите за дејствување во однос на македонското прашање, емигрирал во Торино, Италија со неговото семејство. Во 1941 година се вратил во Ресен каде што престојувал краток период. Имено, после заканите за неговата безбедност заминал повторно за Торино каде што и починал на 5 јануари 1952 година. Автор е на голем број на статии и научни трудови по однос на создавањето на Организацијата и решавањето на македонското прашање.

Христо Татарчев

Под превезот на чествувањето

Исто­ри­ско зна­че­ње на родната куќа на лекарот Христо Татарчев не е само во тоа што е тој таму роден, туку и во тоа што се сме­та де­ка во неа од 15 до 18 август 1894 го­ди­на бил одр­жан пр­ви­от кон­грес на Вна­треш­на­та ма­ке­дон­ска рево­­лу­ци­о­нер­на ор­га­ни­за­ци­ја. Покрај првиот претседател на Организацијата, д-р Христо Татарчев, присуствувале 15 делегати меѓу кои Дамјан Груев, Пере Тошев, Анастас Лозанчев, Георги Пешков, Александар Чакаров и други истакнати личности на Организацијата. Биле одредени позициите на МРО кон бугарската Егзархија, како и тенденција за понатамошно назначување на лица кои биле членови или блиски до Организацијата во општинските и егзархиските училишта. Било одлучено да се изработи внатрешен правилник според кој требало да се водат месните комитети на МРО. По советувањето во редовите на МРО се приклучиле Гоце Делчев и Ѓорче Петров.

- Како пригода за непречено одржување на Ресенското советување кое самиот Христо Татарчев во своите мемоари го именува како прв конгрес на Македонската револуционерна организација во неговата куќа, се користи осветувањето на црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Ресен проследена од многу верници и други гости. Така, без да разберат или да се посомневаат Османлиите тие во тајност три дена се состанувале тука и договарале идна стратегија. Момент што е овековечен на едно од платната. Инаку, родната куќа на Татарчеви после Ресенското советување никогаш повеќе не била користена за слични цели. Нивното револуционерно јадро било Солун, прецизира Стојчески.

Д-р Христо Татарчев почина далеку од својот роден Ресен, во Торино, Италија. Имаше 83 години. Од пред неколку години неговите посмртни останки се наоѓаат во Софија, Бугарија каде што се погребани по нивното пренесување од Италија.

Кети Мицковска

Христо Татарчев

Извор: МИА