Свет
2. April 2024 - 18:42

Храната во Германија поевтини првпат од 2015 година

Инфлацијата во Германија забавила во март, при што храната стана поевтина за првпат од почетокот на 2015 година. Има и континуиран пад на цените на енергијата, покажа во вторникот објавениот извештај на Заводот за статистика.

Потрошувачките цени во март се повисоки за 2,2 отсто во однос на истиот месец минатата година, покажува Destatis.

Во февруари тие беа за 2,5 отсто повисоки од пред една година, покажуваат податоците на Заводот за статистика.

Стапката на инфлација се намали во март на ниво од мај 2021 година, забележува Заводот за статистика.

На месечно ниво, потрошувачките цени во најголемата европска економија пораснаа, според прелиминарните и моментално достапни податоци, за 0,4 отсто, со исто темпо како и во февруари, покажуваат податоците на Destatis.

Во март, според првата проценка на Destatis, храната поевтинила на годишно ниво за првпат од февруари 2015 година, за 0,7 отсто. Во февруари таа беше за 0,9 отсто поскапа од претходната година.