Свет
28. October 2016 - 11:07

ХИВ вирусот бил присутен во САД пред „нултиот пациент“

 Канаѓанецот Гаетан Дуга, познат како „нултиот пациент" во однос на СИДА-та во САД, не е одговорен за епидемијата, пишува лондонски „Индепендент", повикувајќи се на истражување на Универзитетот во Аризона и Кембриџ.

Научниците спроведоа високотехнолошка генетска анализа, чијшто заклучок гласи дека вирусот е донесен во САД од Карибите околу 1970 година, и се ограничил во њујошката област наредните 5 години, пред да почне да се распространува низ целата земја. СИДА-та oттoгаш однесе 700.000 животи само во САД.

Дуга е наречен „Пациент О", кое означува „вон Калифорнија" (Outside California), при што буквата „О" подоцна е погрешно толкувана како нула, и така тој поим во многу јазици се преведува како „нулти пациент".

Според истражувачкиот тим, кој испитувал примероци од крв на хомосексуалци од Њујорк помеѓу 1978 и 1979, Дуга е еден од илјадниците заразени во тој период.

Генетичарите сметаа дека ХИВ вирусот првпат е пренесен од шимпанзо на човек во Супсахарска Африка во раните 20-ти, минатиот век. Вирусот се шири прво во конгоанскиот град Киншаса, а во шеесетите се појавува и на Карибите. Оттаму, поточно од Хаити е пренесен во Њујорк во 1970 или 1971 година.

ХИВ официјално првпат е регистриран во 1981. Во 1987 новинарот Ренди Шилтс го означува Дуга како „нулти пациент" во својата книга посветена на појавата на Синдромот на намален имунитет, наречен СИДА.

Во почетоците на проучувањето на овој синдром, од страна на Американските центри за контрола и профилактика на инфекциските заболувања, Дуга го доби бројот 57, што означува дека всушност тој најверојатно бил 57-от пациент. 

Испитувањата покажале и дека 40 мажи од 10 различни американски градови, кои се заразиле со ХИВ, се меѓусебно поврзани во поглед на сексуалните контакти.