Македонија
18. јуни 2019 - 20:37

Хан: За жал малцинство земји-членки не прифатија отворање на преговори

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на прес-конференцијата по министерскиот состанок за општи работи на ЕУ на кој повторно се одложи одлуката за отворање на преговори со Северна Македонија и Албанија, порача дека колективниот кредибилитет на Унијата е во прашање.

-За жал, малцинство на земји-членки не беа во можност да го поддржат јасниот предлог на Европската Комисија да се отворат преговори со Северна Македонија и Албанија. ЕК цврсто верува дека ЕУ треба да ги награди тие кои ги исполниле барањата поставени од самиот Совет минатата година, нашиот колективен кредибилитет е во прашање, во прашање еднакво се и нашето влијание и поттик, изјави Хан на прес-конференцијата.

Министрите на земјите-членки денеска одлучија да ја одложат уште еднаш одлуката за старт на преговори со Северна Македонија и Албанија и се заложија дека ќе се навратат на прашањето најдоцна до октомври годинава.

Официјално, главна причина за тоа е „ограниченото време“ со кое располага германскиот Парламент, кој има обврска да ги одобрува одлуките поврзани за проширувањето, иако многумина сметаат дека станува збор за недостиг на политичка волја, бидејќи се знаеше дека во јуни ќе се одржи оваа дискусија, а останува уште една седница на Парламентот на крајот на јуни.

Франција останува една од земјите со најголеми резерви кон проширувањето исто така.

На денешното излагање на седницата, Париз порачал дека „се уште потребни продлабочени дискусии“ и продолжува да инсистира дека внатрешната реформа на Унијата мора да се случи пред било какви одлуки за проширувањето. Став со кој комесарот Хан не се согласува. Тој на француската државна секретарка за европски прашања денеска и кажал дека двата процеса можат да одат рака под рака, соопшти комесарот на денешната прес-конференција.

И покрај одложувањето, сите земји-членки топло го поздравиле Преспанскиот договор денеска, изјави Хан и изрази уверување дека во октомври ќе има позитивна одлука.

-Внимателно ги слушав нашите земјите-членки и тие рекоа дека многу ја ценат Северна Македонија, така што уверен сум дека ќе има зелено светло во октомври, рече Хан, одговарајќи на прашање какви гаранции добива Комисијата и земјите кандидатки дека во октомври нема повторно да биде одложена одлуката.

Тој смета и дека треба да се покаже разбирање за внатрешните демократски и институционални процеси на земјите-членки на ЕУ, како Германија, алудирајќи на процедурата во Бундестагот.

Европската Комисија и романското претседателство истакнаа дека е важно што во параграфот за Северна Македонија во заклучоците е вметнат Преспанскиот договор.

-Важно е што го задржавме како што е, заклучоците се многу јасни и Преспанскиот договор многу се цени, земјите-членки ни влеаја оптимизам за позитивен исход врз основа на компромисот постигнат од страна на ова претседателство, изјави романскиот министер за надворешни работи Георг Чамба.

Споменувањето на Преспанскиот договор во заклучоците било важно за земјите-членки и за европските институции во голем дел и поради дијалогот Белград-Приштина, бидејќи многумина стравуваат дека отсуството на опиплива награда за Северна Македонија по Преспанскиот договор би можел лошо да влијае врз српско-косовскиот процес.