Македонија
17. March 2017 - 18:17

Хан, Кукан, Ховит во вторник во Скопје

Информацијата за доаѓањето на Хан и тројката европратеници во Македонија, денеска официјално ја потврди портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, истакнувајќи дека еврокомесарот со Флекенштајн, Кукан и Вајгл, кои и досега посредуваа во преговорите на македонските политички партии, освен со ддиерите на партиите, во Скопје ќе се сретнат и со претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, очигледно во нов обид да го убедат шефот на македонската држава да го додели мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

 - Можам да потврдам дека комесарот Хан патува во Скопје во вторник, следната година, а тоа е 21 март, заедно со тројцата европратеници кои многу добро ги знаете, а тоа се Флекенштајн, Кукан и Вајгл. Зедно, тие ќе се сретнат со претставниците на сите парламентарни партии, како и со претседателот Иванов и тие ќе ја повторат цврстата позиција на ЕУ за почитување на исходот од изборите и да се дозволи продолжување на демократските процеси и брзо формирање на реформски ориентирана Влада која ќе продолжи со имплементаицја на договорот од Пржино. Исто така можам да ве потсетам дека вчера, за време на вчерашниот состанокот на лидерите на Самитот на шест западно-балкански држави во Сараево, комесарот Хан ја истакна важноста од регионална соработка и предупреди на ризик од разгорување на тензиите, вклучително и меѓуетнички, преку изјави или дејствија што ќе ги поткопаат добрососедските односи - истакна Коцијанчич.

На прашањето дали може да се очекува посеопфатни преговори на Хан и македонските политички лидери кои може да доведат до некој нов, можеби Трет пржински договор, со кој би се направил обид за намалување на тензиите во Македонија и уште еден обид за излез од политичката криза, гласноговорничката на Еврокомисијата со одговор:

- Како што веќе реков, ние веруваме дека меѓу работите што треба да се случат е договорот од Пржино да биде имплементиран  - беше децидна Маја Коцијанчич.

Како што е познато, токму комесарот Хан и тројцата европратеници во минатото неколкупати посредуваа за надминување на политичката криза во Македонија, што како исход го имаше двофазниот договор од Пржино, кој освен предвремени парламентарни избори, сепак не донесе до намалување на тензиите и политичката криза во македонската држава. Затоа треба да се биде внимателен и околу намерата на оваа бриселска четворка, но и со очекувањата од нивното ново доаѓање во македонската престолнина.