Македонија
11. February 2017 - 15:55

Хан: Еден погрешен збор на Западен Балкан може да донесе конфликт

Комесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан во интервју за интернет изданието на германскиот весник „Цајт“ вели дека во интерес на ЕУ е во Македонија да има стабилност и развој на правната држава.

Според австрискиот политичар ЕУ многу се ангажирала во надминувањето на македонската криза и очекува по слободните и фер избори и постигнатите резултати, развојот на Македонија да продолжи со процес на еволуција.

- Наш интерес е Македонија да биде стабилна и да продолжи владеењето на правната држава. Сите земји на Балканот треба да имаат европска перспектива. Тоа значи дека треба да се постигне промена во еден еволутивен процес. Ние се ангажиравме многу и издејствувавме многу резултати. По сите напори имаше слободни и фер избори. За земјата е подобро со одредена доза на напор развојот да продолжи мирно, вели Хан запрашан дали тие што две години протестираа против владата на поранешниот премиерот Никола Груевски се разочарани и се чувствуваат оставани сами од ЕУ. 

На прашањето дали Западен Балкан може да биде загубен за ЕУ, еврокомесарот вели дека за Брисел е најдобро таму да нема немири и нестабилност затоа што тоа може да го зголеми притисокот на имигрантите од регионот за ЕУ. За Хан во регионот има надеж затоа што економскиот раст на пазарот каде што живеат 20 милиони луѓе е двојно поголем од растот во ЕУ, а тамошниот пазар може дополнително да биде развиен. Предуслов за тоа според австрискиот политичар е регионот да биде стабилен и да има правна сигурност.

Според Хан, последниот конфликт меѓу Приштина и Белград е доказ за неговата теза дека и покрај тоа што сите земји во регионот направиле прогрес тоа не е доволно за да биде обезбедна долгорочна стабилност.

Тој смета дека еден погрешен збор може да доведе до конфликт и затоа Европската комисија мора да се ангажира за поголем економски развој. - На луѓето им треба перспектива, има висока невработеност кај младите, има одлив на образовани луѓе и ЕК мора да ги запре овие процеси, смета Хан.

Во врска со таканаречениот „Берлин процес“ во кој по иницијатива на Германија земјите од регионот секоја година се среќаваат за да разговараат за прашања како транспорт, енергетика и младинска размена, е добар начин на комуникација затоа што го засилува поврзувањето на земјите и општествата. Со овој процес, вели Хан, ЕУ сака да го намали апетитот на земјите за конфликт во регионот.

Еврокомесарот индиректно ја критикува Европската унија за својот однос кон Западен Балкан. Според него, Брисел не може во исто време да говори за правна држава и демократија и да продолжи луѓето од западниот Балкан да ги поместува тука и таму како на шаховска табла.

Хан предупредува дека балканскиот национализам не е резултат само на односот на ЕУ кон регионот и подигнувањето на ѕидови кое, како опција за однос кон Балканот постои во унијата, туку и на активностите на Русија, кои тој не може да ги нарече хибридна војна, но сепак се обид да се влијае на развојот на настаните во регионот.

Според него, ЕУ е во подобра позиција од Русија во регионот затоа што земјите од западниот Балкан се силно ориентирани кон Брисел и затоа секој политичар што сака да бие повторно избран на функција мора да биде насочен кон Унијата.

За Хан целта на ЕУ мора да биде насочена кон членство на сите земји од западниот Балкан во ЕУ затоа што споредувајќи го регионот со тава полна со масло вели дека само едно запалено чкорче би било доволно за се да пламне.