Македонија
18. January 2021 - 16:40

Гужви уште на првиот ден за проверка на Д-димери во поликлиниките

Гужви од ковид болни пред трите лаборатории во Скопје за проверка на Д-димери и ЦРП на товар на Фондот. Лица кои во моментот се активни на вирусот и такви кои неодамна ја прележале заразата, со упат од матичен и плаќање на партиципација, од 11 до 12 часот беа во поликлиниките Бит пазар, Драчево и Јане Сандански.

За овие анализи кои се неопходни за следење на заразените со Ковид 19, во трите лаборатории е одреден само еден час за да не доаѓаат во контакт со останати пациенти.

- Се надевам ќе воспоставиме еден ред, има голема заинтересираност. Ние дневно може да правиме по 30 анализи бидејќи апаратот мора да се калибрира. Оние кои дошле со упат денеска ќе ги префрлиме за во среда и така постојано, бидејќи еден упат ваков трае 30 дена, важно е анализите да бидат направени, вели др. Виктор Исјановски, директор на Здравствен дом Скопје.

Најголем број од граѓаните овие анализи досега ги правеа на приватно бидејќи во дел од болниците не може да стигнат на ред. Но засега не се знае дали и во здравствените домови во другите градови ќе има проверка на Д-димери со партиципација. Во Скопје не е исклучена можноста да бидат вклучени и други поликлиники.

-Ако успееме со набавката на реагенски и се овозможат услови ќе вклучиме и во други поликлиники, вели Исјановски.

Во зависнот од вредноста на Д-димерите, пациентите добиваат антикоагулантна терапија од матичен, која овој период е дефицитарна па болните преку социјални групи бараат еден од друг.

Здравствените власти, пак, уверуваат дека ниту еден болен нема да остане без неопходните лекови.