Македонија
12. February 2024 - 18:39

Гужви и напнатост и во Штип

Гужви пред станиците за технички преглед во Штип. Возачите побрзаа да ги набават налепниците со НМК за регистерските таблички за возилата. Од АМД –Штип информираат дека изминативе денови имале по 200 до 300 повици од заинтересирани граѓани, но дури утринава добиле четири типа на налепници, за мали моторцикли, за моторцикли, за автомобили со регистерски таблички со три бројки и стандардните таблички. Станиците за технички преглед не се обврзани да водат посебна евиденција, по основ на тоа на кои се доделени, а контролорите треба да ги лепат пред камера.

- За мене лично тоа е обично парадирање. Нема никаков основ, или имате или немате налепница, која е таа логика тоа да се прави на камера, но еве така одлучила државата, така и ќе правиме, изјави Роберто Рогожаров, секретар на АМД - Штип.

Граѓаните револтирани што повторно се принудени во „5 до 12“ да чекаат на ред, за нешто што можеше да се среди на елегантен начин.

- Налепниците требаше да се стават на денот на регистрацијата. Колата ја регистрирав во месец март, а сега повторно доаѓам за налепници, пак доаѓам на регистрација. Јас не знам што е ова, народот да си го губе времето и да се малтретира.

- Градежништво работам. Тројца со мене чекаат да тргенеме на работа. 10 часот е, а не можам на работа да отидам. Ете тоа е, малтретирање на луѓето.

- Ова за граѓаните е дополнително оптоварување.

- Штом си немаме држава, така ќе биде.

Возачите кои немаат возачки дозвиоли со новото име, чекаат информации дали од утре ќе можат да ги возат возилата, а притоа да не бидат казнети. За излез од државата потребна е промена и на сообраќајните дозволи.