Бизнис
14. October 2018 - 13:13

Гувернерката на НБРМ, Ангеловска-Бежоска се сретна со високи претставници на ММФ и Светската банка

 Гувернернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, во рамки на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), се сретна со извршниот директор на ММФ, Ентони де Ланој, директорот на Дирекцијата за Европа на ММФ, Пол Томсен, извршниот директор на СБ, Франк Хемскирк, потпретстедателот на СБ, Сирил Мулер, потпретседателите на ИФЦ, Џорџина Бејкер и Вибке Шломер, менаџерски тимови од инвестициски фондови и банки, како и со други високи претставници.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска, како што информираат од НБРМ, одржала состаноци и со раководителите на неколку дирекции на ММФ, вклучувајќи ги дирекциите за статистика, за монетарни и капитални пазари и за фискални работи. За време на овие состаноци се разговарало за постигнатите резултати од досегашната успешна соработка со ММФ и можностите за дополнително унапредување на работата на НБРМ, преку техничка и советодавна соработка во областите на стандардите за статистичко известување и унапредување на моделите за економско проектирање.

Заедно со министерот за финансии Драган Тевдовски, гувернерката на НБРМ ја предводеше делегацијата на Република Македонија на годишните средби на ММФ и Светската банка, кои годинава се одржаа во Индонезија. На настанот учествуваа гувернери на централни банки и министри за финансии на земјите членки на ММФ и СБ. Дискусиите беа поврзани со одржливиот раст на економијата на светско, регионално и државно ниво, намалувањето на сиромаштијата и промовирањето инклузивен развој за сите целни групи во општеството, посочуваат од НБРМ.