Македонија
8. September 2015 - 15:16

Груевски: Од 8 септември 1991 сме свои на своето, главен предизвик се ЕУ и НАТО

8-ми Септември е историски момент за Македонија, триумф на борбата и жртвите на сите претходни генерации. Триумф и на нашата генерација. Од 8-ми септември 1991 година сме свои на своето. Од тогаш па наваму главниот предизвик е како подобро да се уреди животот и функционирањето на нашата држава, во рамките на демократските принципи, и како побрзо во секој поглед да ги достигнеме стандардите на заедниците во кои стремиме: ЕУ и НАТО.

Ова го истакна премиерот Никола Груевски во своето обраќање денеска на свечената академија по повод 8-ми Септември кога прославуваме 24-годишнината од формирањето на независна, суверена и слободна Република Македонија.

Тој посочи дека тоа достигнување чија колуминација беше со изгласувањето на референдумот на 8-ми септември 1991 година, беше завршница на формирање на сопствена држава, по многу години борба на генерации и генерации наши предци, огромен број положени жртви, уништени животи, затварања и малтретирања.

- Формирањето сопствена држава не одеше ни лесно ни брзо. Одеше чекор по чекор, борејки се, и начекувајки и искористувајки одредени историски моменти за реализација на наредниот чекор. Она што беше сврзното ткиво, она што како нишка провејува низ вековите во сиот изминат период, и кога народот што живееше на овие простори беше под комунистичкиот режим, под фашистичката окупација, под српска или бугарска власт, под отоманската империја, под византиската и римската империја, или пак предходно, беше зборот: Македонија, нагласи премиерот Груевски.

Овој збор, додаде тој, некогаш бил империја, некогаш географски поим, некогаш историски поим, некогаш регион, провинција, некогаш под тоа име, а некогаш наметнато привремено друго име, некогаш, гласно, некогаш тивко.., но овде на оваа почва, еден збор, зборот Македонија, е нешто што се наоѓа во секој век, ако се раскопа низ археологијата, книгите, записите, белешките, мемоарите, делата на патеписците, монетите, архивите, хроничарите, или било која друга историска анализа.

Се осврна на империјата, која во антиката го носи името Македонија, која според него, останува синоним со кој се поврзуваат или некогаш и идентификуваат луѓето кои живеат на овој простор, а тој збор, поим, таа историска и географска одредница, во 19-от век во процесот на формирањето на нациите како поим во Европа, почнува да станува сврзно ткиво, јадро на формирање на свест за нација, а потоа и држава. Се разбира, посочи премиерот, покрај историскиот и географски збор Македонија, останатите сврзни ткива се јазикот, културата и обичаите.

Тој стремеж за слобода и независност, нагласи Груевски, добива на интензитет кон крајот на 19-тиот век, најпрвин со неколку позабележителни востанија како Кресненското и Разловечкото, и формирање на интелектуални кружоци, а најмногу и најенергично со формирањето на Македонската револуционерна организација-МРО, која неколку пати го менувала името, но во колективната меморија на народот останува запаметена како ВМРО, која активно се бори за слобода, автономија и независност во едно тешко време, зад кое има близу 500 години владеење на Отоманската империја.

- Колку и да не ја постигнала крајната цел во тоа време, оваа над 40-годишна активност е јасен сигнал кој е кој на овој простор. Сигнал не само до владејачката империја и подоцнежното кралство кое ја зазема територијата по балканските војни, туку и до цела Европа и до светот кој внимателно ги следеле случувањата на овој простор преку своите конзули и дипломати, за што сведочат и огромниот број не само архивски матерјали туку и пишувања низ најпознатите весници во светот од кајот на 19-от до првата половина на 20-от век, рече Груевски.

Тогаш, ќе нагласи, зборот Македонија, почнува освен историско и географско да добива и едно друго значење: започнува создавањето на нацијата и свеста за потребата за долготрајна организирана борба за слобода и државност. Иако, со одредено задоцнување зад повеќе европски нации и држави, таа национална свест, и борбата за автономија, слобода и независност добиле силно на интензитет токму во тој период, а во неа биле вклучени не само оние кои се идентификувале како Македонци, туку и припадници на други нации и народи кои живееле на истиот простор, а кој се идентификувал со поимот Македонија.

Борбата за слобода, нагласи премиерот Груевски, е заеднички плод на залагањата на сите нив, на Македонците, но и на сите кои заеднички со Македонците во различни етапи повеќе или помалку се бореле за таа слобода и независност на Македонија, како Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците, христијаните, муслиманите, евреите, атеистите, ...сите. Таа борба продолжува и подоцна во Втората светска војна и дополнително добива на интензитет, а во редовите на таа борба која ја предводела Комунистичката партија, се вклучиле сите. Дел од нив биле идеолошки припадници или поддржувачи на Комунистичката партија и идеологија, но огромен дел не биле, но верувале и почуствувале дека тоа е историската шанса, историскиот момент за остварување на конечната цел, за извојување на слобода и за создавање на своја држава.

- Еден од клучните сигнали кон сите припадници борци, е фактот што Комунистичката партија на интернационално ниво, уште во самите зачетоци донела одлука да се признаат малите народи и нации и да им се признае државноста, меѓу кои и на Македонија и македонскиот народ, вели меѓу другото Груевски.

Тие документи, додаде, се усвоени во 20-тите години најпрвин на меѓународно ниво, а подоцна и на ниво на КПЈ, уште пред стапувањето на Јосип Броз Тито за нејзин генерален секретар и останале непроменети до крајот на втората светска војна, по што и реализирани. Тогаш, имајќи го предвид даденото ветување од пред војната, антифашистичката борба, деценискиот отпор и борба на македонскиот народ и другите народи на овој простор водени главно од ВМРО, и имајќи предвид дека после таква крвава војна и борба за слобода на Македонија, неисполнувањето на даденото ветување ќе значи понатамошни крвополевања и континуирани проблеми, имајќи ги и предвид потребите на тогашниот водач на КПЈ за баланс во државата со формирање на повеќе федерални републики, наместо со помалку и некои од нив да се предоминантни по големина републики, се создава историскиот момент кога се добива државноста, но само во рамките на Југославија.

- Следуваат 45 години на тежок и брутален режим, но и на континуиран отпор на народот за целосна независнот кој преку разни етикетирања, затворања и ликвидации се потиснува или прикажува на поинаков начин во тоа време. И сето тоа трае до следната историска шанса, која доаѓа со падот на комунизмот во сите земји во Европа, па и во Југославија, и со распаѓањето на југоловенската федерација. Тоа е повторно историски момент, историска шанса, која правилно се искористува, за конечно создавање на слободна, суверена и независна Република Македонија, заокружено преку активностите на политичките партии и парламентот, и запечатен со референдумот токму на овој ден на 8-ми септември, во 1991-та година, истакна премиерот Груевски.

Тој посочи дека генерацијата која ја извојува независноста и самостојноста заслужува благодарност од сите следни генерации. Таа генерација во виорот на новите времиња и под татнежот на неприликите кои се случуваа во соседството успеа да донесе правилни одлуки, и покрај сите парцијални слабости и недоречености на тие одлуки, сепак, ние оддаваме должна почит на таа генерација, и таа генерација ќе остане запаметена во македонската историографија.

- Оттука, на овој ден, треба да ги спомнеме имињата на луѓето кои во 1991-та ризикуваа и успееја. На Киро Глигоров и Љубчо Георгиевски, како претседател и подпретседател на Република Македонија, Стојан Андов како претседател на Парламентот, Никола Кљусев како премиер на Владата, подпретседателите и министрите во таа Влада, од кој еден од нив, министрот за внатрешни работи Јордан Мијалков, обавувајќи ја својата високо ризична задача во тој период го загуби и неговиот живот. Понатаму, сите пратеници во Парламентот во тоа време, како и полтичките партии кои партиципираа во Парламентот, меѓу кои најбројна беше ВМРО-ДПМНЕ, втора најбројна СДСМ, партијата ПДП, Социјалистичката партија на Македонија, Либералната партија како и другите политички партии кои имаа свои преставници во Парламентот. Но, пред се, и над сите нив, е народот, неговата решителност и одлучност да ризикува и да гласа за тоа што и тој, и неговите предци со генерации посакувале и се бореле, слободна, суверена и независна Република Македонија, вели премиерот.

Тоа, нагласи, беа денови на неизвесност, на опасности од нови окупации и војни, денови кога секојдневно се шпекулираше дека може да бидеме нападнати и окупирани, а политичките предводници ликвидирани. Имајќи предвид какви војни беснееја низ поранешната Југословенска федерација, шпекулациите не беа неосновани. Но, Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите и останатите, одлучно излегоа на референдумот и гласаа, и за тоа треба да им се честита, смета тој.

Премиерот Груевски ги евоцираше и своите спомени од историскиот 8 Септември во 1991 година кога тој бил студент.

- Јас лично бев студент во тоа време, само што бев наполнил 21 година, и од кога гласав во текот на денот, вечерта бев во толпата народ на плоштадот Македонија, каде го очекувавме објавувањето на резултатите од референдумот. Точно паметам на кој дел од плоштадот стоев и сликата од таа возбудлива вечер ја помнам како да била вчера. Од кога се соопштија резултатите и се слушна еуфоричната радост, паметам дека прокоментирав: направивме своја држава. Да, почитувани присутни: свои на своето! Од 8-ми септември 1991 година сме свои на своето! Одтогаш па наваму главниот предизвик е како подобро да се уреди животот и функционирањето на нашата држава, во рамките на демократските принципи, и како побрзо во секој поглед да ги достигнеме стандардите на заедниците во кои стрмиме:ЕУ и НАТО, рече премиерот.

Поминавме, нагласи, низ многу предизвици и премрежија, но сите теории дека Македонија е привремена држава паднаа во вода. Македнија, со сите проблеми со кои се соочуваше, одеше напред, некогаш побрзо, некогаш побавно, но темелите се зацврстуваа, а куќата се надградуваше.

- Имавме подеми и падови, залети и кризи, успеси и неуспеси, остварени и неостварени соништа, но државата се градеше и се движеше напред. Не секогаш исто и со посакуваната динамика, но зад нас се 24 години континуирана надградба на она што се оствари на 8 ми септември 1991 година. Денешниот  голем предизвик на Македонија, откако веќе ја доби независноста, е членството во ЕУ и НАТО, и надминувањето на проблемот кој го постави Грција, а поврзан со нашето име и идентитет, порача Груевски.

Очигледно, вели, и за ова ни треба долга борба, овој пат политичка, и историски момент. 

- Веќе 24 години нашиот сосед не оспорува. Во еден период ни имаше поставено и ембарго со затворање на границата во време кога ОН наложи затворање на северната граница. Издржавме многу предизвици на овој план, вклучувајќи ја и успешната битка пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг пред четири години. Веќе седум години е блокиран нашиот влез во НАТО и шест години се блокирани преговорите за влез во ЕУ. Многу негативни работи ќе беа избегнати, и многу побрзо ќе се движеше развојот и напредокот на државата ако тоа не се случеше, или ако не беше дозволено да се случи од сојузниците во овие организации, вели Груевски.

Тој рече дека другите членки на НАТО и ЕУ, особно најмоќните треба да стават крај на оваа неправда што ни се случува, ако не за друго, вели тогаш заради нивните принципи за почитување на меѓународното право.

- Го разбирам и го почитувам принципот на солидарност, но кога земјата на која и се дава солидарноста е во право, и се додека нема одлука на меѓународен суд. Ние бевме и сме подготвени за раговор и компромис по ова прашање, но тој компромис не може да ги поткопа темелите на кои се создаваше и градеше оваа држава. Се надевам дека нашиот јужен сосед наскоро ќе излезе од внатрешните проблеми кои неколку години го дефокусираа од ова прашање, и ќе отвори одлучен и искрен разговор за конечно негово затворање. Во меѓувреме членството во НАТО и во ЕУ остануваат на врвот на нашите приоритети, и попатно ќе продолжиме со реформите кои се во склад со принципите и вредностите во овие две организации, подвлече премиерот Груевски во обраќањето на свечената академија во МНТ по повод Денот на независноста.