Македонија
27. November 2020 - 17:53

Груевски: Не сум организатор на настаните од 27 април

Груевски преку статус на својот фејсбук профил попладнево го демантираше излагањето на премиерот Зоран Заев дека тој е организатор на настаните од 27 април 2017.

„Денес Зоран Заев уште еднаш ја покажа својата патолошка омрза кон мене нечесно давајки лажна и би рекол гнасна изјава со држење политички говор во судот дека јас сум бил организатор на настаните од 27 април 2017 година.

Тој денес уште еднаш јавно покажа дека е промотор на овој длабок и интензивен политички прогон врз мене каков што одамна не се случил во македонската историја.

Токму тој, понекогаш во соработка со други негови соработници, лично го осмислува и го нарачува прогонот против мене, често и кон мои блиски соработници со цел да ги притисне и уцени да бидат сведоци во неговиот нечовечки нагон да ми направи најголеми можни штети, понижувања, апсења, судења, пресуди, затвори и секаков друг вид малтретирања.

Има повеќе причини за тоа, а едно од тие сигурно е што јас сум антипод на неговите политики на промена на уставното име, идентитет и историја на македонскиот народ, но и антипод на неговите безидејни економски политики и редица други политики и резултати.

Добро е што јавноста знае колку тежи зборот и колку е искрен со јавноста и со сите околу него, бидејќи постојано и безмалку континуирано јавноста, граѓаните се сведок на неговите лаги и лажни ветувања.

Од она што го дознавам во последните месеци на многу негови блиски и не многу блиски им говори дека во овој мандат ќе направел најголеми можни напори и активности да ме затворел, употребувајќи секакви можни и најбрутални методи. И во тоа е постојан и посветен. Од лажни и паушални сведочења како денешното, изнуда на изјави и сведоци, следења, заплашувања, уцени, притворања и други дивјачки методи кон моите блиски и соработници, па до креирање на нови судски случаи, диктирање на пресуди на судиите на сите нивоа а потоа и нивно наградување за послушноста, давање задачи на обвинителите и инструкции на контролираните од него медиуми.

Зоран Заев знае дека јас не сум организатор на насилно влегување во парламентот и физички пресметки во него.

Знае и свесен е дека нема никаков доказ за тоа, затоа што тоа е невистина.

Тој знае дека ниту обвинетите на чие судење беше денес повикан како сведок, на кои исто така по негова нарачка им судат, не нарачале насилство од било каков вид, независно дали е насилен влез во собранието или употреба на физичка сила кон пратеници, ниту организирале тероризам. Тие се обвинети како и многу други, со цел да бидат исплашени, да паднат со духот, да бидат уценети и скршени и да прифатат да бидат негови соработници во гнасното сценарио за неправеден прогон кон мене, кое откако не му помина се обидува да го поправи впечатокот за неговите валкани игри во нивните очи.

Тие се невини. Тие не се ниту организатори, ниту изманипулирани ниту можеле да организираат терористички акт кој не се случил. Како што и оние кои се во затвор а кои се осудени со лажна и невистинита квалификација за тероризам.

Со судските процеси кон многу мои соработници, Заев очајно бара сојузници, бара луѓе кои или се исто како него измамници или се малодушни и уценети па очекува да прифатат да му бидат слуги во овој политички прогон кон мене. Тој очајно работи на тоа на секаков начин, некаде со добро и со убедување, понуда или ветена награда, некаде со лошо, со закани, заплашувања, притисоци, уцени и апсења. Праќа луѓе, пораки, понуди, ги притиска обвинителите и судиите и едноставно и очигледно мојот прогон му е во врвот на неговите приоритети и непрекинато е силно посветен и мотивиран на тоа.

Заев исто така е свесен дека ниту некому сум рекол да организира или да влезе во собранието и изврши насилство, ниту сум помислил такво нешто. Тој знае и дека доколку тоа сум го имал направено невозможно е тоа да се скрие. Тој денес не кажа некакви факти или сериозни докази за тоа како и на кој начин тоа сум го направил, туку паушално и со политички говор по којзнае кој пат ме обвини за нешто за што немам никаква вина. Оваа патолошка омрза на овој човек кон мене, како и на дел од неговите соработници, како и посветеноста да ми направи колку што е можно поголемо зло е соодветна за лекарска анализа и медицинско проучување.

Сега особено кога е на почетокот на нов мандат, “влезен е во филм” дека ќе е вечно со ваква моќ како сега, дека е семоќен, дека може се што ќе науми да направи и секого што ќе посака да уапси, уништи, извалка или елиминира и дека толку многу ќе ми наштети што никогаш нема да можам да се извлечам од тоа. Таквите нечесни намери нема да му успеат а кога еден ден ќе го свати тоа, ќе се кае, но нема да може да го избрише своето валкано минато и нечовечки однос.

Проблемите кои актуелно ги има заради силната и оправдано негативната реакција на макеоднскиот народ кон него по однос на неговите политички ставови поврзани со барањата на дел од соседите, го прават понервозен, по гневен, по раздразнет и по зол и очигледно тоа секогаш го потсеќа на мене и моите политики во истиот дел, па посегнува по нови активности и атаци против мене.“ стои во фејсбук статусот на екс премиерот Никола Груевски,

Денес Зоран Заев уште еднаш ја покажа својата патолошка омрза кон мене нечесно давајки лажна и би рекол гнасна изјава со...

Posted by Nikola Gruevski on Петок, 27 ноември 2020