Бизнис
20. March 2016 - 16:33

Груевски најави три нови странски инвестиции

Три нови странски инвестиции најави лидерот на владеачката партија Груевски. Една од нив е од постоечки инвеститор во автомобилската индустрија која ќе отвори втор капацитет во земјава.

– Се работи за голема компанија која веќе инвестираше во Македонија. Таа донесе интерна одлука, очекуваме да се објави на крајот на април или во мај за втор капациетет во Македонија. Во почеток, во првите две до три години, тој ќе отвори нови 400 работни места. Подоцна може да оди со 800, 900, па дури и со 1.000 работни места, рече Груевски во гостувањето на ТВ Сител.

Втората инвестиција треба да се реализира во просториите на ЕМО и за неа има интерес од најмалку три компании од различни индустрии и од различни држави.

– Во длабоки преговори сме со нив и се надевам дека во наредните неколку месеци ќе дојде до реализација на инвестиција во просториите на ЕМО. Исто така, има една софтвреска компанија која е пред објавување на својата одлука за инвестирање во Македонија за создавање софтвери, за почеток 200 вработувања, главно, на ИТ-инженери, а подоцна можеби и дуплирање или повеќе на својот капацитет. Има и многу други, но се додека тие самите не објават, ние тоа не го правиме, додаде Груевски.

Груевски најави и дека рудниците Тораница и Злетово кои се во стечај ќе добијат нов инвеститор, а околу 900 рудари кои останаа без работа повторно ќе работат. За победник на тендерот е прогласена компанија од Бугарија, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во Дневникот на ТВ Сител.

– Тоа ќе значи повторно вработување за 900 луѓе, 900 семејства повторно ќе имаат сигурност, истакна Груевски, додавајќи дека новиот инвеститор не само што ќе ги рестартира рудниците и ќе ги врати рударите на работа, туку и ќе ги подобри условите за работа.

Груевски рече дека ова се само дел од поголемиот дел потенцијални странски инвеститори со кои се водат преговори.