Македонија
1. јуни 2019 - 16:16

Груевски најави оставка од функцијата пратеник

Не сакам да и давам можност на СДСМ да ги избегнува дебатите за суштинските прашања и зад мене да ги крие своите криминални политики. Поранешниот премиер Груевски најави оставка на пратеничката функција.

„Иако правото, уставот и меѓународните документи се на моја страна, јас нема да дозволам нашата партија и пратеници заради мене и мојот мандат да бидат изложени на било какви притисоци, на лажна пропаганда, на непријатности и на медиумски линч од страна на власта и нејзините апологети. Несакам понатаму ниту да дадам можност на СДСМ користејќи ја оваа тема да ги избегнува дебатите за суштинските теми и проблеми кои го засегаат народот и да ги задскрива своите криминални политики.

Оттука, одлучив да се повлечам од пратеничката функција а за истото формално правно парламентот ќе го известам во наредните денови. 
Им благодарам на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ што издржаа на принципиелните позиции кои се во склад со уставот и меѓународното право и не потклекнаа на притисоците – пишува Груевски на социјалните мрежи.

Тој потенцира дека Македонија се наоѓа во многу тешка состојба поради како што вели, злоупотребите и неспособноста на актуелната власт.  Секојдневниот рекет на компаниите и приватниот сектор, дебаклот во економијата, видливата корупција, очигледниот непотизам и нечесно работење според Груевски се главни одлики на власта на Заев.

За СДСМ најавата на Груевски била потврда за како што велат, неговата директна поврзаност со Мицкоски.

„ВМРО-ДПМНЕ се води од Будимпешта, Груевски од таму дава команди, Мицкоски исполнува. Одлуките на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, однесувањето на Мицкоски, однесувањето на пратениците на оваа партија во мандатно имунитетната комисија, кои не гласаа за одземање на мандатот, е по наредба на Груевски и во директна координација со Мицкоски.
Мицкоски нема храброст ништо да направи, дури ниту да постапи по Закон и Устав, ниту да донесе некаква одлука.
Со најавената оставка Никола Груевски му помага на Мицкоски, го спасува, за неговата
потчинетост и неспособност да постапи по закон,  кои се веќе толку видливи и граѓаните ги
препознаваат.“  - се вели во писмената реакција на СДСМ и се додава дека по Груевски оставки требало да поднесат и Вељаноски, Тарчулоски и Милошоски бидејќи биле обвинети во судски процеси.

За ВМРО-ДПМНЕ оставката на Груевски е доблесен потег. На СДСМ му порачаа да си гледа во својот двор

Власта веќе еднаш се обиде да му го одземе мандатот на Груевски но обидот пропадна откако не успеа да обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието. Во моментов во законодавниот дом чека и втората иницијатива која како што најави Џафери пред пратениците требаше да се најде до средината на овој месец.
Претходно, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги охрабри пратениците на опозицијата да гласаат за одземање на мандатот на Груевски но најголемиот дел од нив беа со став дека за тоа не се исполнети условите според собранискиот Деловник.