Груевски на распит во СЈО, прва правосилна пресуда за „Таргет - Тврдина“
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вчера неколку часа беше во просториите на Специјалното јавно обвинителство во својство на сведок во нова предистражна постапка.
По распитот Груевски изјави дека ова што го работи СЈО е незаконски, бидејќи нивниот мандат, како што рече, е одамна истечен, а предистражните постапки што се водат се малтретирање на граѓаните во услови кога тие не може да поднесуваат никакви обвиненија.
Претходно, специјалната обвинителка Катица Јанева изјави дека станува збор за новоотворен предмет за финансиска истрага за земена провизија за електрична енергија, по извршеното вештачење на два телефонски разговори, што во континуитет се водат од едно лице.
Предистражната постапка во која Груевски е повикан како сведок, според Јанева, имала сличности со финансиските истраги што веќе се водат пред СЈО.
Прва правосилна пресуда за предмет што го води СЈО беше изречена вчера, условна казна од шест месеци доби еден од обвинетите во предметот „Таргет - Тврдина“, кој во постапката самоиницијативно ја признал својата вина.
СЈО соопшти дека во овој предмет е раздвоена кривичната постапка за осуденото лице, чиј идентитет не се соопштува, а за кое, врз основа на признание на вина, е донесена пресуда на 17 ноември.
На обвинетото лице, на кое му се судело за учество во „Таргет“ за помагање на сторител во извршено кривично дело, односно бришење логови во Управата за безбедност и контраразузнавање, изречена му е условна казна од шест месеци затвор под услов да не го повори делото во следните две години.
- Предлогот за раздвојување беше истакнат од страна на ова Јавно обвинителство, при што се имаше предвид интересот на обвинетото лице за побрзо завршување на постапката, како и економичноста и целисходноста на постапката, наведуваат од СЈО.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева очекува најстроги казни за поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и поранешниот началник на Петтата управа Горан Грујевски кои се обвинети во предметот „Таргет - Тврдина“.
Јанева вчера рече дека пресудата е донесена врз основа на признание и оти очекува највисоки казни за Мијалков и Грујевски.
Во споениот предмет „Таргет - Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков и шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.
Ново на Сител
-
Арагчи утре во Москва ќе се сретне со Путин
-
Три лица се претставувале како полициски служеници, па едниот од нив физички нападнал возач
-
Штипјанец под присила подигал брзи кредити, го продал својот мобилен телефон и крадел пари од својот татко
-
Министерството за здравство обезбеди 300 паркинг места во Лимак за вработените во Клинички
-
Македонската амбасада во Израел: Евакуација преку воздушен пат засега е невозможна
-
Гутереш: Американските напади врз три ирански нуклеарни објекти се опасна ескалација
-
Лице барано за извршување затворска казна правело хаос во хотел во Лазарополе
-
Приведен возач од Македонска Каменица, возел со 1,87 промили алкохол во крвта