Македонија
31. December 2016 - 13:31

Груевски: На економијата и е потребна политичка стабилност за поголем број инвестици и работни места

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска во новогодишно обраќање истакна дека ќе се залага за политичка стабилност која и е  потребна на економијата со што ќе се гарантираат поголем број инвестици и нови работни места.
 
-   На сите нас и на економијата потребна ни е политичка стабилност. Таквата политичка стабилност би гарантирала уште поголем број инвестиции, нови работни места и зголемување на стандардот во 2017-та. Јас лично, и партијата која ја предводам, ќе направиме се што е во наша моќ да се обезбеди политичка стабилност, да заврши политичката криза и земјата да чекори напред, рече Груевски. 
 
Според него, и покрај политичката криза добро е што Македонија ја зачувала економската стабилност, со солиден економски раст, и што е најважно, како што рече, со континуирано намалување на невработеноста, на историски најниска стапка на невработеност од  23.4 отсто, и со голем број новоотворени работни места,  резултат на макотрпна работа и во оваа и во претходните години на овој план.
 
Таа работа и таа посветеност, рече Груевски, не донесоа на ранг листата која еднаш годишно ја објавува Светската банка на петтото место во Европа и 10-то во светот според  добрите услови за правење бизнис. Ова, посочи Груевски, заедно со фактот дека сме земја со најниски даноци во светот, и земја која изгради сериозни капацитети и систем за привлекување и поддршка за инвеститорите, а со тоа и нови работни места, како и постепено зголемување на економскиот стандард, сето ова е голем капитал, кој веќе се материјализира со голем број странски инвестиции, но и многу домашни кои или се прошируваат или започнаа нови активности.
 
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека на овој план, ако ја немало политичката криза, можело да се направи и многу повеќе, но оти во дадените околности се извлекол максимумот.