Груевски: Итно ќе се набават илјада пумпи за испумпување вода

Итна набавка на илјада пумпи за испумпување вода од домовите во поплавените подрачја во скопско беше најавена денеска за време на посетата на неколку министри и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на Инџиково, Црешево, Смилковци, Виниче и Страчинци.
- Со набавката на илјада пумпи до утре изутрина ќе се реши проблемот за граѓаните кои имаат вода во своите домови, рече Груевски.
Доколку новите пумпи стигнат утре, според него, ќе завршат огромна работа и ќе се извлече водата од сите населени места.
Попладнево нивната последна посета беше во Страчинци и во Виниче.
Во Страчинци целосно е откорнат асфалтот и не постои главната улица во селото.
- Освен што има многу штети по домовите, жртви и да не споменуваме, тоа е најголемиот проблем за целиот регион, има и големи инфраструктурни штети на улици, на патишта, на водовод, а не само автопатот. Големи штети има во сите населени места. Направени се огромни штети, милионски, рече Груевски.
Министерот за здравство Никола Тодоров информираше дека вчера донеле заклучок на Влада со кој се задолжува Министерството за транспорт и врски да направи проценка на сите инфраструктурни штети - обиколницата и автопатот, и за сите регионални и локални патишта.
Министерството да ја координира работата, а проценката ќе се направи заедно со општините и со Град Скопје, бидејќи некои од патиштата се во надлежност на општините, а некои на градот. Според Тодоров, договорот е за 15 дена да се подготви извештајот, а за 30 дена да имаме некаква анализа за штетите што се направени на инфраструктурата.
Неопходно е, според Груевски, веднаш да се интервенира во расчистување на последиците од невремето бидејќи наскоро ќе почне новата учебна година.
Жителите од селото Страчинци побараа да се направи комплетно нова главна улица во селото. Тие најавија дека имаат изготвено проект што ќе го достават до општина Гази Баба. Според нив, исто така уништен е водоводот во селото и побараа помош за да го стават во функција водоводот. Потенцираа дека имаат луѓе за расчистување на штетите од поплавите, но побараа механизација односно - уште два скипа и два камиона.
Во моментов во селото работат два камиони и еден скип, а жителите изразија загриженост затоа што нивните посеви се целосно уништени од невремето. Најмногу одгледуваат јагоди, тутун, а кои се целосно уништени.
Се пожалија исто така во невремето на еден од жителите од селото, водата му ја однела целата стока.
Во селото Виниче, пак, по саботното невреме, денеска се санира главната улица „Трајче Здравковски“, која беше најоштетена во невремето што го зафати скопскиот регион. Според жителите на селото, улицата е целосно уништена.
Тоа беше нова асфалтирана улица која најмногу настрадала во невремето. Жителите побараа што е можно побрзо да се исчисти улицата за да биде проодна. Се работи за раскопан асфалт на улицата.
Пред министрите и пред Груевски, жителите на Виниче ги изнесоа своите проблеми и информираа што се преживеале во страшното невреме што го зафатило нивното село и нивните домови.
Министерот Тодоров нагласи дека е најважно да се исфрли прво водата, а потоа и калта.
Повозрасните жители од Виниче потенцираа дека досега не виделе толку големо невреме во кое се давеле луѓе, пливале автомобили и водата со себе носела се, камења, дрва...
Според нив добро е да се направи некој алтернативен пат за секој случај и да се направи канал за насочување на водата.
Во овие села заедно со Груевски денеска беа министрите за здравство, за внатрешни работи, за транспорт и врски, Никола Тодоров, Митко Чавков и Владо Мисајловски, градоначалниците Коце Трајановски и Тони Трајковски, и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу.
Ново на Сител
-

Koшта ги пофали реформите, но порача дека уставните измени се единствен начин за започнување на преговорите
-

Со законски измени ќе се бришат невработените, кои работат на црно
-

Тема на денот со Никола Димитров, поранешен министер за надворешни работи и потписник на Преспанскиот договор
-

Кошта во Скопје
-

Кошта доаѓа во Скопје
-

Средба Сиљановска-Пелегрини
-

Муртезани: Тврдам дека и во следниот извештај Македонија ќе биде прва земја од ЗБ по однос на спроведени реформи
-

Пендаровски потврди дека имало различни идеи за уставни измени со помош на меѓународната заедница
